Палеонтолошко наоѓалиште „Стамер“, официјален назив Палеонтолошки локалитет - Стамер — природна реткост, наоѓалиште со пикермиска фосилна фауна во непосредна близина до селото Стамер, Општина Делчево. Со природната реткост „Палеонтолошки локалитет – Стамер“ управува Општина Делчево, а во име на општината, градоначалникот на Општина Делчево.

Местоположба Палеонтолошкото наоѓалиште „Стамер“, со пикермиска фосилна фауна се наоѓа во Делчевскиот Регион на оддалеченост од 5 км југоисточно од Делчево, во непосредна близина на селото Стамер. Границата на палеонтолошкото наоѓалиште „Стамер“ започнува од возвишението Кукуле (796 метри) од каде што се протега на исток во должина од околу 250 метри до пешачка патека. Оттука границата остро свртува во северен правец, пресекува една суводолица и избива на изохипса од 800 метри по која се протега во северозападен правец до дното на една суводолица која се образува на источната страна од возвишението Шмрков Чукар (903 метри). Одовде границата го менува правецот и се протега во југозападен правец низводно по суводолицата во должина од околу 500 метри, потоа ја напушта и правејќи лачно свртување кон исток избива на почетната точка кај возвишението Кукуле. Во овие рамки површината на палеонтолошкото наоѓалиште „Стамер“ изнесува 25,6 хектари. Положбата на Палентолошкото наоѓалиште „Стамер“ според географската координативна мрежа е со следните координати: СГШ: 41° 57’ 21’’ ИГД: 22° 49’ 12’’ (според Гринич).

Историја Палеонтолошкото наоѓалиште „Стамер“ е откриено во 2007 година со првите откритија на фосили на месниот жител Љубе Митевски и научната потврда од познатиот палеонтолог проф. д-р Ристо Гаревски.

Палеонтолошки наоди Наодите припаѓаат на познатата пикермиска фауна (стара околу 7-8 милиони години), која се одликува со голема разновидност на животински видови слични на денешната африканска фауна. На наоѓалиштето се ископани голем број фосили, остатоци од жирафа, антилопи, носорози, хиприон, од кои најголем дел се наоѓаат во Природонаучниот музеј на Македонија во Скопје.

Најособен вид кој е пронајден на ова наоѓалиште е Sivatherium Garevskii, кој по пронаоѓањето на овој фосил од жирафа веќе се потврди и тоа ја зголемува единственоста на ова наоѓалиште. Тоа што го прави посебно особено е дека е прв вид во Европа, меѓутоа го имало во Азија и Африка. Овој вид претставувал уште една алка во прилог на тоа дека копната во минатотото биле споени.

Наодите се подробно обработени во статијата „Фауна на цицачи во доцниот миоцен во Република Македонија“ од авторите Николај Спасов, Денис Герадс, Латинка Христова, Георги Марков, Билјана Гаревска и Ристо Гаревски. Статијата била објавена во списанието Палеонтографика во 2018 година. Наведени се: Artiodactyla. Cervidae. Cf. Cervavitus sp. Giraffidae. Sivatherium garevskii. Perissodactyla. Equidae. Hipparion indet. Hipparion indet Artiodactyla. Suidae indet Bovidae. Cf. Parabos cordieri.

Биовремеслед: Неогенските слоеви на Стамер може да вклучуваат различни фосилни нивоа. Зеленоглинестите слоеви во селото (најниските слоеви) може да бидат од доцниот миоцен. Sivatherium на главното фосилно место сугерира рускиниумско време, во согласност со присуството на Parabos cl. cordieri, но хипарионите од истото фосилно место сугерираат туролиумско време.

Туризам Две години по прогласувањето за природна реткост ова наоѓалиште доби информативни табли, патеки и копии од ископаните фосили, па е достапно за прошетки со образовни и културни цели.

Поврзано Список на природни реткости во Македонија

Наводи

Категорија:Палеонтолошки наоѓалишта Категорија:Стамер Категорија:Природни реткости во Македонија