Hypericum montbretii — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Hypericum и семејството кантариони (Hypericaceae).Таксонот за прв пат бил опишан од францускиот ботаничар Едуар Спах.

Опис и распространетост Растението има кратки вегетативни изданоци во основата и височина до 60 см. Стеблата се вертикални, неразгранети, цилиндрични, голи, сивозелени, во основата црвенкави, со две едвај видливи крилести линии. Листовите се од јајцевидни до издолжено-јајцевидни, со срцевидна основа и приседнати, горната страна е темнозелена, додека долната е светлосиво-зелена, по рабовите има црни точкести жлезди; кај сите или само кај горните листови има и проѕирни точкести жлезди. Цветовите се собрани во соцветие со форма на штит. Прицветниците се долги 6-9 мм, тесно-копјести или линејно-копјести, на врвот постепено издолжено заострени, во основата со ушенца, а по рабовите и на ушенцата има долги тенки ресести црни жлезди. Чашкините ливчиња се долги 6-8 мм, линејни или линејно-копјести, на врвот се издолжено заострени, по рабовите имаат кратки ресести црни жлезди, понекогаш и црни точкести жлезди, а покрај нив има и кратки линејни жолтеникаво-портокалови жлезди. Венечните ливчиња се долги 12-15 мм, широки 3-4 мм, светложолти, по рабовите со ресести и точкести црни жлезди, а површината има ретки светли жлезди и понекоја црна точкеста жлезда. Прашниците се распоредени во три групи. Плодната кутијка е тесно конусно-цилиндрична, долга околу 8 мм, со ретки меурести смолни жлезди. Семките се долги 1-1,3 мм, цилиндрично-бубрежни, светлокафеави, со надолжни набрани ребра.

Расте во светли дабови шуми и грмушести заедници во потопли предели. Се среќава во Ресен меѓу селата Стење и Коњско; Валандово и околината, с. Дедели и Плавуш; Нов Дојран; Струмица – с. Водоча; Беласица над с. Банско; Гевгелија – с. Хума, Серменин и Смрдлива Вода; Кожуф – Висока Чука; Плачковица – с. Липец. Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Кантарион (род) Категорија:Кантариони Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа