Hypericum olympicum — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Hypericum и семејството кантариони (Hypericaceae). Природно е застапено на Балканот и во Турција, а пренесено е и во Западна Европа. Со векови се одгледувало поради неговите големи, впечатливи цветови, кои се значително поголеми од оние на повеќето други видови од родот Hypericum. Видот за прв пат е опишан од шведскиот ботаничар Карл Линеј во 1753 година.
Опис и распространетост Растението има повеќе вертикални стебленца. Тие се голи, високи 30-50 см, дел во основата свиени и црвенкави, црвено-кафеави или темнокафеави, горе сивозеленикави, цилиндрични и со две тесни крилести линии. Листовите се долги 10-30 мм, издолжени до копјести или елиптични, со заоблена основа и приседнати, врвот постепено заострен, сивозелени и кожести, рабовите делумно усукани, со многу проѕирни жлезди и јасно изразена средна жилка одоздола. Цветовите се големи, со дијаметар од 20 до 60 мм, самостојни или групирани по неколку. Прицветниците се налик на листови, но многу помали од чашката. Чашката е меуресто набабрена. Чашкините ливчиња се голи, различни по големина и се преклопуваат, јајцевидни или широко јајцевидни, целосни, жолтозелени, врвот им е умерено заострен, со долги светли линејни жлезди по површината. Венечните ливчиња се долги 15-25 мм, без црни жлезди, понекогаш со малку жлезди, но со многу линејни светлоцрвено-кафеави жлезди. Прашниците се во три групи; секоја антера има црна жлезда. Плодната кутијка е долга 8-12 мм, темнокафеава, со мрежа од тенки смолни канали. Семките се долги 1,3-1,5 мм, цилиндрично-бубрежни, со мрежесто набрана површина.
Расте на суви тревни терени со силикатна подлога до 1.700 метри надморска височина. Во Македонија претставува многу распространета билка. Се среќава во Велес – с. Чашка; клисура на р. Тополка; Овче Поле – Богословец; Штип – Кумлак и Исар; Кочани – с. Истибања; Струмица – с. Ново Село; Демир Капија; Гевгелија – Смрдлива Вода, с. Богданци; Прилеп – Дабничка Планина, Загорани, Маркови Кули, Дервен, Плетвар и Бакарно Гумно; Мариово; Крушево; Демир Хисар – Граиште, Слепче, Церово; Битола – Кукуречани, Црновршка Река; Ресен – Лева Река, Грнчари, Подмочани, Брајчино; Охрид – Велгошти; Пелистер – Магарево, Копанки; Нице; Беласица.
Варијабилност Hypericum olympicum var. olympicum - Стебленцата се повисоки од 20 см. Листовите се распоредени по целата површина и имаат густи прозрачни жлезди. Широко распространето растение во потоплите региони на Македонија. Горните податоци се однесуваат на неговата распространетост. Hypericum olympicum var. minor - Стебленцата се ниски, од 10 до 15 см. Листовите имаат ретки прозрачни жлезди или тие се лоцирани само на врвот на листот. Се среќава во појужните делови на Македонија, и тоа: Гевгелија над с. Богданци, помеѓу селата Негорци и Серменин, над с. Перово; Кожуф Висока Чука; клисура Демир Капија - жел. станица Клисура и над хидроцентралата „Дошница"; пл. Дудица; пл. Беласица над с. Банско.
Употреба Народна медицина H. olympicum f. olympicum се користи заедно со други видови од родот Hypericum во делови од рурална Турција како традиционална народна медицина. Вообичаено, неговите цветови се берат и се користат за лекување на болки во стомакот, посекотини и изгореници.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Србија Категорија:Флора на Црна Гора Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Албанија Категорија:Флора на Сирија Категорија:Флора на Турција Категорија:Флора на Грција Категорија:Флора на Бугарија Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Кантарион (род) Категорија:Говорни статии Категорија:Статии со микроформати hAudio Категорија:Флора на Европа Категорија:Кантариони