— највисокото ниво на бејзбол во Јапонија. Месното население често го нарекува Puro Yakyū (јап. プロ野球), што значи „Професионален бејзбол“. Надвор од Јапонија, често се нарекува едноставно „Јапонски бејзбол“.

Формирањето на лигата и развојот на овој спорт започнале со создавањето на бејзболскиот клуб „Greater Japan Tokyo“ (јап. 大日本東京野球倶楽部 Dai-Nippon Tōkyō Yakyū Kurabu) во Токио, основан во 1934 г. Две години подоцна била основана Јапонската бејзболска лига (JBL), која продолжила да функционира дури и во последните години од Втората светска војна. Организацијата што денес е позната како NPB била формирана при реорганизацијата на JBL во 1950 г. Тогаш биле создадени две лиги (Централна и Тихоокеанска) со по шест екипи во секоја, со годишна плејоф-серија наречена „Јапонска серија“, со која завршува сезоната.

NPB исто така ги контролира Западната лига и Источната лига, кои се нејзини филијали и пониски лиги.

Од почетокот на првата Јапонска серија во 1950 г., екипата на „Јомиури џајантс“ има освоено најмногу шампионски титули (22) и има настапено во најголем број финални серии (37). На почетокот на сезоната 2024 г., екипата на „Ханшин тајгерс“, која ги победила „Орикс бафалос“ со 4:3 во Јапонската серија во 2023 г., е актуелен шампион. Заклучно со 2023 г., Јапонската серија се има одржано 74 пати, при што Тихоокеанската и Централната лига имаат по 37 победи.

Организација Јапонскиот професионален бејзбол е составен од две лиги — Централната лига и Тихоокеанската лига — секоја со по шест екипи. Исто така, постојат две пониски лиги со екипи од второ ниво: Западната лига и Источната лига, во кои настапуваат играчи што се во развој.

Сезоната обично започнува кон крајот на март или почетокот на април и завршува во октомври, со два или три натпревари на ѕвездите што се одржуваат во јули. По завршувањето на регуларниот дел од сезоната, најдобрите екипи од секоја лига се натпреваруваат во „Јапонската серија“ за титулата официјален шампион на јапонскиот бејзбол, формат сличен на Светската серија во американската Главна бејзболска лига (MLB).

Наводи

Надворешни врки

Категорија:Спортски лиги во Јапонија