Alyssum corymbosum — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae.
Опис и распространетост Растението е високо до 50 см, целосно покриено со разгранети и ѕвездести влакна. Од неговата основа излегуваат бројни исправени стебленца. Стебленцата се покриени со разгранети влакна, од кои дел имаат значително издолжени краци. Листовите при основата се обратно јајцевидно-копјести, со тап врв, постепено стеснети во кратка дршка, со цел раб или со ретки запчиња. Листовите на стеблото се ланцетовидни, прилепени, со тап врв, најчесто цели, а понекогаш со малку запчиња. Долната страна е густо покриена со ѕвездести влакна, додека на горната страна, краците на некои разгранети влакна значително се издолжени. Цветовите се собрани во гроздовидно-штитовидна група. Ливчињата на чашката се долги 2–2,5 мм, широко елиптични, со разгранети влакна на задната страна и бел, широк, мембранозен раб. Венечните листови се долги околу 4 мм, без влакна, жолти, обратно јајцевидни, со всечен врв и нагло стеснети во мала дршка. Шушменчињата (плодовите) се долги 4,5–5,5 мм, голи, округли и со силно испакнати капачиња. Во секоја комора се формираат по 2–4 семиња. Семињата се кафеави и имаат крилест раб широк 0,3–0,5 мм. Столпчето е долго 1,5–2 мм, тенко, цилиндрично и без влакна. Плодните дршки се долги 3,5–5 мм, покриени со ѕвездести влакна, од кои некои краци се значително издолжени.
Расте во ретки дабови и букови шуми, крај варовнички карпи и на каменливи терени. Се среќава на Скопска Црна Гора (Групче), Шар Планина, Јабланица – Караџица (Рада Планина), Бистра, Дешат – Крчин, Галичица, Жеденска Клисура, клисурата на Радика и клисурата на Раец–Вариш. Галерија
Наводи
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа