Hypericum rumeliacum — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Hypericum и семејството кантариони (Hypericaceae). Опис и распространетост Растението е високо до 40 см. Стебленцата најчесто се во голем број, исправени или делумно навалени, цилиндрични, голи, сивкасто-зелени, долу кафеави, со две слабо видливи крилести линии, по кои или покрај кои се јавуваат црни точкести жлезди. Лисјата се долги 10-30 мм и широки 2-12 мм, елиптични до копјести, долните стеснети со куси дршки, горните заоблени или срцевидни и приседнати, сивкасто-зелени, плоскати или рабовите усукани, целокрајни или со ресести жлезди кај горните парови, со ретки црни точки по рабовите и долната страна. Цветовите се собрани во гроздовидни дихазиуми или во полуштитовидни и штитовидни соцветија. Прицветниците се тесно копјести до линејни, со ретки црни жлезди, рабовите со ресести жлезди, а основата со ушенца густо покриени со ресести црни жлезди. Чашкините ливчиња се долги 6-9 мм, јајцевидно-копјести, со остар и шилест врв, голи, со 3-5 жили. Венечните ливчиња се жолти, 2-3 пати подолги од чашкините, со многу црни точки по површината и ситни ресести жлезди на врвот. Прашниците се во три групи; антерите имаат црна жлезда. Плодната кутијка е долга 6-9 мм, јајцевидно-конусовидна, кафеава, со мали речиси округли и слабо испакнати смолни жлезди по површината. Семките се долги околу 1,5 мм, бубрежно-цилиндрични, со надолжни ребра и површина со мрежести вдлабнатини.

Расте на суви тревни терени и камењари врз варовник или серпентин до 1700 метри надморска височина. Многу распространето растение. Се среќава низ цела Македонија: во клисури, низини, ридски и планински предели до 1700 м. Варијабилност Видот е поделен на следниве подвидови: Hypericum rumeliacum var. rumeliacum - Листовите по работ се голи, додека двата најгорни лисни пара по работ имаат ресести црни жлезди. Широко распространето растение до 1700 метри надморска височина. Hypericum rumeliacum var. blepharophyllum - Сите листови по работ имаат ресести црни жлезди. Широко распространет исто како и типичниот облик. Се среќава во Скопје- с. Нова Брезница „Козјак”, рудник Радуша и с. Петровец; Куманово околината на градот, с. Орашец, с. Пчиња; Тетово - Рогачево; Кичево - Баба Сач и Лубен; Македонски Брод - Пешница; Прилеп - Козјак и Краста; Нов Дојран - Ѓуранѓа и Асанли; Делчево - с. Луковица, с. Каменица; клисура на река Треска - Матка; Жеденска Клисура; клисура на р. Пчиња; Таорска Клисура; клисура на р. Бабуна; Скопска Црна Гора; пл. Пелистер - с. Нижеполе; пл. Галичица. Hypericum rumeliacum apollinis Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Кантарион (род) Категорија:Кантариони Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа