Трипрстеста каменоломка () — вид цветно тревесто растение од родот каменоломка во семејството на каменоломките (Saxifragaceae). Опис и распространетост Ова е едногодишно ситно и нежно растение високо 5–20 см. Стеблото е лепливо, покриено со жлездести влакна, разгрането во горниот дел, а секоја гранка завршува со цвет. Кај дел од примероците базалните листови се групирани во мала розета која се суши при цветање и формирањето на плодот, но најчесто тие не формираат розета. Листовите при основата се копјесто-лопатовидни, целосни или со по еден заб од двете страни на проширениот врв, што го прави триделен со три запчиња, а по површината и рабовите имаат ретки жлездести влакна. Листовите на стеблото се целосни или со 2–3 запчиња и ретки жлездести влакна. Цветовите се долги околу 4 мм, со дршки 2–4 пати подолги, а кај плодовите уште повеќе издолжени. Чашката е покриена со жлездести влакна; ливчињата долги 0,5–1 мм, а при цветање нивната должина се зголемува. Венечните ливчиња се бели, долги 2–3 мм, односно двојно подолги од чашкините. Плодникот е делумно потцветен. Плодната кутијка е обратно крушовидна или речиси топчеста, со заоблена или клиновидна основа.

Расте на брдски и планински пасишта до 1700 метри надморска височина. Широко распространета билка низ Македонија.

Галерија

Наводи

Категорија:Каменоломка Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Малта Категорија:Флора на Европа Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година