All Hallows' Eve (македонски: Ноќта на сите светци) — американски независен антологиски филм на ужасите од 2013 г., напишан, монтиран и режиран од Дејмиен Леоне. Филмот е претставен како серија кратки приказни што две деца и нивната дадилка ги откриваат на необележана видеокасета за време на Ноќта на вештерките, во кои се појавува убиствен кловн по име Арт. Главните улоги ги толкуваат Кејти Магваер, Кетрин Калахан, Мари Мазер и Кајла Лијан, додека Мајк Џанели го игра кловнот Арт. Филмот вклучува кадри од кусометражниот филм Деветтиот круг (англ. The 9th Circle) од 2008 г., како и од кусометражниот филм Terrifier од 2011 г., кои исто така се во режија на Леоне и во кои се појавува ликот кловнот Арт.

All Hallows' Eve бил објавен право на видео од Image Entertainment на 29 октомври 2013 г. и добил мешани одзиви. По филмот следеле самостојните антологиски продолженија All Hallows' Eve 2 (2015), All Hallows' Eve: Trickster (2023) и All Hallows' Eve: Inferno (2024), кои содржат сегменти од различни режисери. Ликот на кловнот Арт подоцна станал главниот лик во франшизата Terrifier, каде се појавил во првиот филм (2016), неговото продолжение од 2022 г. и Terrifier 3 во 2024 г. Секој дел бил напишан и режиран од Леоне.

Содржина На Ноќта на вештерките, по вечерното собирање бонбони, децата Тија и Тими се изненадени кога наоѓаат необележана VHS-касета во нивната торба. Заедно со нивната дадилка Сара, тие ја гледаат касетата, која содржи три приказни во кои се појавува убиствен кловн по име Арт.

Деветтиот круг Првиот сегмент ја прикажува младата жена Кејси, која е онесвестена со дрога и одвлечкана од Арт додека чека воз. Се буди врзана со синџири во соба со уште две жени, Кристен и Сара. Кога Сара е одвлечена од нејзиниот синџир, Кејси и Кристен ја следат за да видат каде водат нивните синџири. Стигнувајќи до крајот на синџирите, Кејси се обидува да ги скрши со голем камен. Се појавува деформирано хуманоидно суштество и ја распарчува Кристен со сатар, случајно ослободувајќи ја Кејси преку пресекување на нејзиниот синџир. Таа бега и среќава маж со количка од супермаркет што го моли за помош, но мажот повторно ја фаќа, по што таа е брзо врзана и опкружена од група вештерки во наметки. Откако гледа како вештерките го вадат фетусот од утробата на врзаната бремена жена, Кејси е обземена од сатаната.

Сара ги испраќа Тиа и Тими в кревет и продолжува сама да ја гледа касетата.

Нешто во темнината Вториот сегмент ја прикажува Керолајн, која штотуку се вселила во куќа на село. Ноќта, светлечки објект паѓа во близина на куќата и доаѓа до прекин на електричната енергија. Телефонот и колата на Керолајн се расипуваат и таа се сомнева дека има некој друг во куќата. Одеднаш прима повик од нејзиниот сопруг Џон, сликар, но врската набрзо прекинува. Таа открива дека е следена од вонземјанин, и откако успева да го дезориентира, се крие во мала просторија под скалите. Таму, нејзиниот телефон повторно ѕвони, откривајќи му ја местоположбата на вонземјанинот. Како што вонземјанинот ја влече, таа повлекува чаршаф од една од сликите на Џон, откривајќи слика на кловнот Арт.

Терифаер Третиот сегмент ја прикажува костимографка што вози по изолиран пат. Запирајќи на бензинска пумпа, таа го наоѓа вработениот како бесно го исфрла Арт, кој наводно размачкал измет по ѕидовите од тоалетот. Додека вработениот ѝ го полни резервоарот и ѝ дава насоки, тој слуша бучава од внатрешноста на објектот. Влегува внатре за да провери, а кога не се враќа, костимографката влегува во зградата и го гледа Арт како го распарчува неговото тело со пила за метал. Таа бега со колата и повикува полиција, но Арт се појавува зад нејзиното седиште и се обидува да ја задуши со целофан. Таа нагло кочи и успева да избега, забарикадирајќи се во една голема шупа. Арт прокопува пат до шупата и ја сече со импровизиран камшик. Таа го прободува Арт во окото со скалпел, а потоа во грбот со нож. Повторно бега и е пресретната од маж што се обидува да ја однесе до најблиската полициска станица. Арт ги брка со кола и го убива мажот со пиштол, предизвикувајќи сообраќајна несреќа. По некое време, костимографката се освестува на сурова операциона маса и открива дека Арт ѝ ги отсекол екстремитетите и градите и ѝ врежал погрдни зборови во телото.

Крај Вознемирена, Сара го исклучува телевизорот. Домашниот телефон ѕвони, а кога Сара се јавува, ја слуша костимографката од третиот сегмент како моли за помош. Телевизорот повторно се вклучува, прикажувајќи темна просторија. Арт влегува во кадарот, ѝ приоѓа на Сара од внатрешноста на екранот и почнува да удира по стаклото. Сара тогаш се гледа себеси на телевизискиот екран, со Арт зад неа. Таа панично ја вади касетата од видеорекордерот и ја крши на подот, уништувајќи ја. Кратко потоа, слуша вресок од Тија и Тими. Сара трча нагоре и го гледа кловнот Арт пред нивната соба, покриен со крв, како ѝ се смее и весело ѝ гестикулира да влезе. Сара ги покрива очите од ужас; кога ги открива неколку секунди подоцна, Арт исчезнал. Сара влегува во собата, наоѓајќи ги само распарчените тела на Тија и Тими, со „АРТ“ напишано на ѕидот со крв.

Улоги

| Кејти Магваер || Сара |- | Кетрин Калахан || Керолајн |- | Мари Мазер || костимографката |- | Кајла Лијан || Кејси |- | Мајк Џанели || кловнот Арт / демонот

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Американски филмови Категорија:Филмови од 2013 година Категорија:Филмови на англиски јазик Категорија:Американски хорор-филмови Категорија:Филмови за демони Категорија:Филмови за вештерки