Hypericum cerastioides — вид цветно тревесто растение кое припаѓа на родот Hypericum и семејството кантариони (Hypericaceae). Тоа е единствениот вид во секцијата Hypericum sect. Campylopus. Природно е распространето во Македонија, јужна Бугарија, североисточна Грција и северозападна Турција. Често погрешно се пишува како Hypericum cerastoides. Опис и распространетост Hypericum cerastioides е повеќегодишно растение со силно разгранета основа, високо 10-20 см. Гранчињата се исправени или свиени во лак, често лежат на земја и се вкоренуваат. Стебленцата се округли, сивкасти поради густи распрснати влакненца, понекогаш неразгранети или разгранети во горниот дел. Листовите се долги 8-15 мм, издолжени, јајцевидни до елиптични, врвот им е заострен но не остар, основата е срцевидна и прилепена, од двете страни имаат кратки густи влакненца, а површината е покриена со многу проѕирни жлезди. Цветовите имаат пречник 30-40 мм, најчесто се поединечни на врвовите на гранчињата или по два, а ретко се во поголем број, кога формираат гроздовидни или штитовидни соцветија. Прицветниците се тесно копјести, влакнести и пократки од дршките на цветот. Чашкините ливчиња се различни по големина, со цели рабови, заострени на врвот, широко елиптични и преклопени, рабовите им се со густи ситни влакненца, површината има кратки или подолги линејни проѕирни жлезди, а понекогаш и по некоја црна точкаста жлезда. Цветовите по цветањето најчесто се виснати надолу. Венечните ливчиња се до двапати подолги од чашкините, жолти, рабовите им имаат црни точкести жлезди, а површината е со ретки кратки светли жлезди. Прашниците се делумно собрани во три групи; антерите се жолти до розови и немаат црни жлезди. Плодната кутијка е долга 6-8 мм, јајцевидна или издолжено јајцевидна, кафеава, со густи тенки смолни канали. Семките се долги 1,2 мм, цилиндрични, сивкасто-кафеави, со мрежеста структура на површината.
Во Македонија расте во осветлени дабови и букови шуми, како и покрај шумски патишта. Се среќава во Кавадарци меѓу селата Мајдан и Рожден, како и на планината Плачковица. Наводи
Категорија:Кантарион (род) Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа