Trifolium grandiflorum, познато и како Trifolium speciosum — едногодишен вид на детелина опишан од Јохан Кристијан Даниел фон Шребер. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Растението е едногодишно, високо 10–30 см. Стеблото е исправено, разгрането и по површината покриено со ретки или погусти прилегнати до полураширени влакна. Листовите се долгнавесто-елиптични, долги 10–20 мм, голи или на долната страна покриени со полураширени влакна. Врвот е заоблен, основата клиновидна, долната половина од работ е цела, а горната половина плитко назабена. Долните листови имаат многу куси дршки и се речиси приседнати, додека средните листови имаат дршки подолги од листната плочка и се покриени со ретки влакна. Прилисниците се јајцевидно-копјести, со проширен базален дел во облик на ушенце, по работ покриени со ретки раширени влакна и со долг, зелен, тесно линеен слободен дел.
Соцветијата се топчести, со пречник од 20–25 мм, составени од ретко распоредени цветови. Дршката на соцветието е густо покриена со прилегнати влакна и е два до три пати подолга од соодветниот пазувен лист. Цветовите се долги околу 8 мм, а цветните дршки околу 1 мм.
Чашката е долга околу 4 мм. Нејзиниот трубест дел е долг околу 1 мм, гол или со ретки влакна. Запците се линејно-копјести, со тап врв. Горните запци се долги колку трубестиот дел на чашката, а долните се два до три пати подолги од горните. Венчето е виолетово, долго околу 8 мм, а сите ливчиња имаат тесен линеен дел и неправилно, речиси копјесто проширен врв. Барјачето има надолжни бразди, во горната половина е кружесто, крилцата се малку покуси од барјачето, а лаѓичката е исто така малку покуса од крилцата. Плодот е јајцевидна мешунка која обично содржи едно семе и е малку подолга од чашката.
Распространетост во Македонија Trifolium grandiflorum расте по брдски пасишта и камењари во потоплите подрачја на Македонија и главно врз варовничка подлога. Растението се среќава во Таорската Клисура, клисурите на реката Пчиња, Бабуна и Тополка, селото Раштани во Велес, Гевгелија, Богданци, помеѓу Стар и Нов Дојран, селото Водоча во Струмица, Преспа кај островот Голем Град, помеѓу селата Стење и Коњско во Ресен и во селото Баниште во Дебар.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија