Михо Леко Терзицки (, Михалис Ал. Раптис) (Слимница, 1931) — македонски филолог, музиколог и фолклорист од Егејска Македонија. Автор е на трудот „Фолклорот на Јановенските села“.
Животопис Роден е во 1931 г. во нестрамското село Слимница, Егејска Македонија, во семејството на Леко (Алеко) и Докса (Евдоксија). За време на окупацијата во Втората светска војна влегол во редовите на пионерската организација „Аетопула“, а подоцна и на ЕПОН. За време на Граѓанската војна, во 1947 г. принудно заминал како дете бегалец во Романија, додека неговите родители биле засолнети во селото Белојанис, Унгарија. Дипломирал филологија на Букурешкиот универзитет. Работел како професор во Букурешт. Предавал руски јазик во повеќе романски училишта, грчки јазик во Грчката гимназија и на Народниот универзитет. Работел како инспектор за основно и средно образование во околината на Букурешт. Од романското Министерство за образование бил одликуван со титулата „Пионерски професор“ во 1960 г. Од 1970 г. па сѐ до своето пензионирање, Терзицки бил член на Координативниот образовен комитет за настава по грчки јазик. Учествувал во пишувањето на образовната книга за деца на политички бегалци „Текстови од новогрчката литература“.
Помеѓу 1961–1971 г. собирал материјали од народното творештво на сонародниците од Јановенските Села, кои тогаш веќе живееле во Унгарија и Романија, и во 1977 г. ја објавил својата збирка „Фолклорот на Јановенските села во Костурско“ во Скопје. По амнестијата на политичките бегалци од Граѓанската војна, во 1984 г. Терзицки се вратил во Грција. Од 1985 до 1989 г. работел во библиотеката на Националната опера, а подоцна и како учител по филологија.
Во 1989 г. Терзицки ја објавил монографијата „Кратка историја на грчката мелодрама и Националната опера 1888–1989“. Во 1997 г. ја објавил книгата „Маченичките грамошки села во Костурско (Слимница, Пилкати, Јановени, Омотско, Калевишта)“, а во 1999 г. мемоарите на бегалците од Граѓанската војна „Среќни во несреќата. Патување“. Во 2003 г. ја објавил книгата „Национален отпор преку уметност, зборови и народна уметност. Придонес на учителите, учесници во Отпорот, за духовното воздигнување на нашиот народ“.
Наводи
Категорија:Македонски филолози Категорија:Македонски фолклористи Категорија:Македонски музиколози Категорија:Деца бегалци Категорија:Апсолвенти на Букурешкиот универзитет