Rosa agrestis, е вид дива роза по потекло од Европа, која се среќава претежно во јужна Европа, а повремено и до Кавказ. Изворите се разликуваат во врска со тоа дали може да се најде во северна Африка и Анадолија.

Опис Грмушесто растение до 2 м високо, со долги интернодиуми. Стеблата и гранките со јаки срповидно искривени и во основата проширени трња. Цветните гранчиња може да бидат и без трња и со ретки трња. Листовите со 5-7 ливчиња, елиптични од долгнавесто-јајцевидни 10-30 мм долги, 12-25 мм широки, на врвот заострени, по работ двојно напилени, и со жлезди по врвот на запчињата. На горната страна голи или со ретки влакна, на долната страна сиво-зелени со густи прилегнати влакна по средната жила, со жлезди и ретки прости влакна по целата површина, најгусти по спроводните жили. Лисната дршка и рахисот влакнести и со ретки жлезди. Прилисниците широко-крилести, на горната страна голи, на долната со жлезди. Прицветниците копјести, по работ со жлезди, покуси од цветните дршки.

Цветовите до 40 мм во пречник, обично по 2-3 заедно, поретко поединечни; цветната дршка 10-20 мм долга, гола, многу ретко со поединечни жлездести четини. Чашкините ливчиња копјести, 15-18 мм долги. Надворешните чашкини ливчиња до 4-5 пара линејно-копјести сегменти, на грбната страна голи и со жлезди по работ. По прецветување се свиткуваат надолу и отпаѓаат по созревањето на плодот. Венечните ливчиња 10-20 мм долги, бели. Столпчињата голи или со ретки влакна. Дискот широк, конусовиден и со тесен отвор. Плодот елиптично-јајцевиден, 10-15 мм, гол и црвен.

Распространетост во Македонија Расте по брдски и планински пасишта заедно со другите грмушести растенија до 1,200 м надморска височина. Познато за планината Серта, Дебар - над с. Баништа, Кичево - Илиница, Баба - с. Кажани и с. Брајчино, Галичица.

Наводи

Категорија:Растенија опишани во 1798 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Роза Категорија:Флора на Македонија