Сандер Гард Болин Берге (роден на 14 февруари 1998 г., во Берум) — норвешки фудбалер, играч од средниот ред на Фулам и на норвешката репрезентација.

Биографија Берге потекнува од кошаркарско семејство — неговите родители и постар брат играле кошарка на меѓународно ниво. Берге исто така е внук на Рагнар Берге, кој играл на позицијата лев бек за Волеренга од 1945 до 1957 година, и имал еден настап за Норвешка (во 1955 година).I bestefars fotspor , Vålerenga Fotball (10 февруари 2015)

Берге и неговата партнерка Јулија Карслен, добиле сил на 8 јуни 2025 година.

Клупска кариера Почетоци

Берге ја започнал својата кариера во младинските категории на Аскер, забележувајќи го своето деби за клубот во сезоната 2013, во норвешката втора лига. Тој се приклучил на суперлигашот Волеренга на почетокот на 2015 година и дебитирал на 17 години, постигувајќи го водечкиот гол во победата од 8–0 над Локомотив Осло во првото коло од норвешкиот куп. Берге дебитирал за Волеренга во највисоката норвешка лига како замена против Сандефјорд на 11 јули 2015 година, а својот прв натпревар како стартер го имал против Розенборг на 16 август. Тој се афирмирал како регуларен играч во сезоната 2016 и бил именуван за најдобар млад играч во норвешката лига.

На 2 јануари 2017 година, Берге потпишал четиригодишен договор со Генк. Првиот натпревар за Генк, тој го одиграл на 21 јануари во победата од 1–0 против Ојпен. До крајот на сезоната тој станал составен дел од тимот, и му помогнал на клубот да стигне до четвртфиналето од Лига Европа, во кое бил поразен од Селта Виго.

Во сезоната 2018–19, Берге одиграл 28 натпревари за Генк и со клубот ја освоил титулата во белгиското првенство. Следната сезона, Берге го одиграл својот прв натпревар во Лигата на шампионите против Ред Бул Салцбург на 17 септември 2019 година. Генк го загубил тој натпревар со резултат 6–2. На 30 декември, тој бил избран од УЕФА во идеалниот тим на играчи кои направиле најголем пробив во сезоната.

Шефилд Јунајтед На 30 јануари 2020 година, Берге потпишал за англискиот премиерлигаш Шефилд Јунајтед, станувајќи најскапото засилување во историјата на клубот. Тој потпишал договор со важност до летото 2024 година. На 2 јули 2020 година, Берге го постигнал својот прв гол за Шефилд Јунајтед во победата од 3–1 над Тотенхем.

На 17 декември 2020 година, Берге се здобил со повреда во поразот од 3–2 против Манчестер Јунајтед што довело да го пропушти поголемиот дел од сезоната 2020–2021, во која Шефилд Јунајтед испаднал од Премиер лигата.

Во сезоната 2022–2023, тој постигнал шест гола за Шефилд Јунајтед помагајќи му на клубот да се врати во Премиер лигата.

Барнли На 9 август 2023 година, Берге потпишал за премиерлигашот Барнли. Два дена подоцна, тој го одиграл првиот натпревар за клубот, во поразот од 3–0 против Манчестер Сити. Својот прв гол за Барнли, тој го постигнал на 26 септември 2023 година, во победата од 4–0 над Солфорд Сити во Лига купот на Англија.

Берге го постигнал својот прв гол за Барнли во Премиер лигата во победата од 2–0 над Фулам на 23 декември 2023 година.

И покрај тоа што Берге одиграл 37 од 38 натпревари во сезоната во Премиер лигата, најмногу од било кој друг играч на тимот, тоа не било доволно Барнли да остане во лигата и како претпоследен на табелата клубот испаднал во Чемпионшип.

Фулам На 22 август 2024 година, Берге потпишал петгодишен договор со премиерлигашот Фулам вреден 20 милиони фунти.

Репрезентативна кариера Берге настапувал во дресот на Норвешка во сите возрасни категории, започнувајќи од репрезентацијата под 15 години. На 23 март 2017 година, тој го одиграл својот прв натпревар за сениорската репрезентација во натпревар од квалификациите за Светското првенство 2018 против Северна Ирска.

На 5 септември 2019 година, Берге го постигнал својот прв гол за Норвешка, во победата од 2–0 над Малта во квалификациите за Европското првенство 2020.

Берге бил именуван во составот од 26 играчи предводен од норвешкиот селектор Столе Солбакен за Светското првенство 2026.

Хронологија на репрезентативните настапи

Титули Клупски Генк Белгиско првенство : 1 2018–2019 Суперкуп на Белгија : 1 2019

Поединечни Најдобар млад фудбалер во норвешкото првенство: 2016 Дел од идеалниот тим на играчи во Лигата на шампионите кои направиле најголем пробив: 2018

Наводи

Надворешни врски

Сандер Берге на soccerway Сандер Берге на transfermarkt Сандер Берге на espn Сандер Берге на whoscored

Категорија:Родени во 1998 година Категорија:Норвешки фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Генк Категорија:Фудбалери на ФК Шефилд Јунајтед Категорија:Фудбалери на ФК Барнли Категорија:Фудбалери на ФК Фулам Категорија:Фудбалери од Премиер Лига Категорија:Фудбалери на Светско првенство 2026