Исајло Јованов Николовски (Тресонче, 21 јануари 1910 – Скопје, 26 јули 1963) — македонски архитект и градител од меѓувоениот период.

Животопис Роден а на 21 јануари 1910 г. во селото Тресонче, тогаш во Отоманското Царство, во семејството на Јован (надзорник) и Тина (домаќинка). Завршил Средно и Високо-техничко училиште во Белград во 1932 г. Две години работел во Белград, а подоцна се преселил во Скопје, каде што работел како претприемач, основајќи свое биро на „Патот за Кисела Вода“. Тој бил овластен градител за проектирање и изведба на објекти од ниско и високоградба.

За време на Втората светска војна, Николовски работел на изведбата на рударската населба кај с. Радуша како раководител на градилиштето. Во 1947 г. се јавува како еден од основачите на ГП „Бетон“ во Скопје. Работел на изградбата на фабриката „Тетекс“ во Тетово и на цементарницата „Усје“ (1952–1956). Од ГП „Бетон“ преминал во Министерството за градежништво, каде што бил назначен за секретар на Републичката ревизиона комисија, а потоа две години ја извршувал функцијата началник на Комуналното одделение при Општина Кисела Вода. Оттука се вратил повторно во Министерството за градежништво, каде што работел како секретар на Ревизионата комисија до крајот на својот живот.

Загинал во Скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 г.

Објекти Негови позначајни проекти за индивидуални семејни куќи во Скопје се:

1934: Индивидуалната семејна куќа (П+1) на Илија Смилјановски на ул. „Дане Крапчев“ бр. 19; 1934: Индивидуалната семејна куќа (П) на Онче Андоновиќ на ул. „Франше д'Еспере“; 1935: Индивидуалната семејна куќа (Сут+П) на Серафим Анастасиевиќ на ул. „Љубе Јовановиќ“ бр. 28; 1935: Индивидуалната семејна куќа (П+1) на Никола и Трифун Димчевиќ на „Патот за Кисела Вода“; 1935: Индивидуалната семејна куќа (П) на Тодор Синадиновиќ на ул. „450“; 1935: Индивидуалната семејна куќа (П) на Воислав Урошевиќ на ул. „Кишпатиќева“ бр. 4; 1936: Индивидуалната семејна куќа (П) на Јосип Пулизевиќ на ул. „Кнез Арсен“ бр. 4; 1936: Индивидуалната семејна куќа (П+1) на Драгутин Алексиќ на ул. „462“; 1936: Индивидуалната семејна куќа (П+1) на Ѓорѓија Анастасиевиќ на „Патот за Кисела Вода“; 1936: Индивидуалната семејна куќа (П) на Павле Гичевиќ на ул. „Ѓорѓе Кратовец“; 1936: Индивидуалната семејна куќа (П+1) на Јордан Гагуловиќ на ул. „Генерал Ковачевиќ“ бр. 2; 1936: Индивидуалната семејна куќа (П) на Викторија Костиќ на ул. „Штросмаерова" бр. 5; 1936: Индивидуалната семејна куќа (П) на Светомир Глигориевиќ на аголот од улиците „501“ и „498“; 1937: Индивидуалната семејна куќа (П+1+По) на Тодор Живковиќ на аголот од улиците „Лесновска“ и кеј „13 Октомври“; 1940: Станбената зграда (П+3) на Исајло Николовски на ул. „Франше д'Еспере“ бр. 46.

Наводи

Категорија:Македонски архитекти