Крунестоцветен граор (науч: Coronilla coronata) — повеќегодишен тревест вид на растение од семејството бобови опишан од Карл Линеј. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.

Опис Крунестоцветниот граор е повеќегодишно тревесто растение, 30–50 см високо, голо, со повеќе стебла од основата. Стебленцата обично неразгранети и најчесто исправени, со слабо изразени надолжни ребра. Листовите непарно-перести, со 3–4 пара ливчиња и многу брзи прилисници; прилисниците многу брзо отпаѓаат, а долната половина се сраснува со лисната дршка, додека горната половина е слободна и 3–4 mm долга. Ливчињата со куси дршки, обратно-јајцевидни до ланцетни; терминалните ливчиња многу поголеми, покриени, скоро кружести, 15–20 mm долги, 8–20 мм широки, на врвот заокруглени, а понекогаш слабо заострени, во основата слабо клиновидни, сиво-зелени, слабо месести и со тесен остар раб.

Соцветијата главичести, со 10–20 цветови; дршката на соцветието подолга од пазувниот лист. Цветовите 7–10 mm долги; цветната дршка 2–3 пати подолга од чашката. Чашката околу 5 mm долга, со долги запци, при што трите горни се многу мали и приближно еднакви меѓусебно, а трите долни широкотриаголни, со 0,5 mm приближно еднакви и со слабо остар врв. Венчето жолто; барјачето обратно-јајцевидно, малку подолго од крилцата, 6–7 mm долго, со акутен клинест дел од 3 mm и со облик на пушка; крилцата околу 10 mm долги, широко-ланцетни, со дел кој на врвот е акутен и околу 8 mm, а клиновидниот дел 3 mm; лаѓичката покуса од крилцата, слабо искривена и со долг клуновиден врв.

Мешунките висат надолу, прави, начленети, со 4 членчиња, цилиндрично-четириаглести и со тапи рабови.

Распространетост во Македонија Крунестоцветниот граор расте по варовнички камењари и на гипсана подлога на надморска височина до 1200 метри. Растението се среќава на Козјак над селото Нова Брезница во Скопје и на бањата Косоврасти во Дебар.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Бобови