Hippocrepis comosa — повеќегодишен тревест вид на растение од родот Hippocrepis од фамилијата бобови опишан од Карл Линеј. Видот се среќава во Македонија и повремено во Шведска, но не се размножува таму. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови. Според Меѓународниот сојуз за заштита на природата е класифициран како незагрозен вид.
Опис Hippocrepis comosa е повеќегодишно тревесто растение, 5–30 см високо, со задрвенета основа. Стебленцата, цветните дршки и чашките се со ретки и куси прилегнати или полурасперени влакна, а понекогаш и голи. Листовите се непарно-перести, со 5–8 пара ливчиња; лисната дршка долга, заедно со рахисот голи или со ретки прилегнати влакна; прилисниците слободни, копјести, со заострен врв; ливчињата обратно-јајцевидни до копјести, 5–12 мм долги и 2–4 мм широки, скоро голи или на долната страна со ретки влакна, а особено по средната жила, на врвот заокруглени, а понекогаш и со кусо осилесто врвче.
Соцветијата се со 5–12 цвета; дршката на соцветието 4–5 пати подолга од пазувниот лист; дршките на цветовите покуси од чашката. Чашката е околу 4 мм долга, гола или со ретки влакна во основата, слабо двоусна; горните запчиња широко-триаглести, околу 1 мм долги, а долните потесно триаглести и со иста должина. Венчето е жолто, 10–12 мм долго; барјачето 10–12 мм долго, горната половина широко-кружлеста и свиткана нагоре, а долната половина, односно клиновидниот дел, со облик на дебела и јака дршка; крилцата долги колку барјачето, широко-елиптични, на врвот тапи и со долг клиновиден дел; лаѓичката околу 4 мм покуса од крилцата, со долг и нагоре свиткан клиновиден дел.
Мешунките се расперени или висат надолу, 15–30 мм долги и 2–3 мм широки, по површината со црвенкаво-кафеави папили; членчињата потковичести или полукружни.
Размножување Стапката на производство на семе кај растението е променлива и генерално ниска, а понекогаш и занемарлива. Поради тоа, садниците остануваат главен начин за негово распространување и проширување на ареалот. Ртењето во природни услови е слабо, но може значително да се подобри при одгледување во расадници.
Живеалиште Hippocrepis comosa е калциол, односно растение приспособено на почви богати со калциум. Тоа е отпорен вид кој може со години да преживува долги периоди на студени зими и суви лета. Популациите добро поднесуваат пасење од овци и умерено газење, но не се одржуваат на места каде што почвата е подложена на интензивно орање или други значителни нарушувања. Во областите со пасење од говеда, растението постепено исчезнува, понекогаш за само неколку години, во зависност од интензитетот на пасењето.
Распространетост во Македонија Hippocrepis comosa расте по планинските и високопланинските варовнички камењари на надморска височина до 2200 метри. Растението се среќава на Шар Планина, Кораб, Бистра, Дешат, врвот Две Уши на планината Кожуф, Скопска Црна Гора и кај селото Барбарос во Македонски Брод.
Пеперутки Hippocrepis comosa е ексклузивно растение за храна на гасениците на пеперутките сребрено-зеленикав синец и убав синец.Hippocrepis comosa
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Hippocrepis Категорија:Бобови Категорија:Растенија опишани во 1753 година