Onobrychis alba — многугодишен тревест вид на растение од фамилијата бобови опишан од Франц де Паула Адам фон Валдштајн-Вартемберг и Пал Китајбел.
Опис Onobrychis alba е повеќегодишно тревесто растение, 50–60 см високо, разгрането уште од основата, со густи прилегнати четинести влакна. Листовите се непарно-перести, со 5–10 пара ливчиња; базалните листови со долги лисни дршки, а погорните со многу куси дршки; прилисниците ципести, до половина сраснати меѓусебно, а слободните делови копјести, со долг заострен врв; ливчињата копјести, линејно-копјести до линејни, 6–20 мм долги и 1,5–3 мм широки, на долната страна со прилегнати влакна, а на горната голи.
Соцветијата се густи, со голем број цветови; дршките на соцветијата 2–3 пати подолги од пазувниот лист; брактеите копјести, со зашилен врв, ципести, со влакна по работ, со врвот допираат до основата на запците на чашката; брактеолите линејни, околу 1 мм долги, бели и ципести.
Чашката е 7–8 мм долга; трубестиот дел 2–2,5 мм долг, гол или со ретки полурасперени влакна, а во основата на запците влакната се многу погусти. Запците на чашката се 2–3,5 пати подолги од трубестиот дел, кон врвот постепено и долго заострени, со долги полурасперени влакна по работ. Кај некои таксони целата чашка по површината е покриена со многу густи куси прилегнати влакна.
Венчето е бело, кремово или бледорозово, со црвени линии. Барјачето е 8–14 мм долго, долго колку лаѓичката или покусо од неа, со надолжни зелени или црвени линии; крилцата 6–7 мм долги; лаѓичката на врвот тапа.
Мешункитесе полукружлесто-триаглести, 5–8 мм долги, густо влакнести, дисковидно сплескани, по површината со неправилни вдлабнатини (фовеоли), а помеѓу нив со 3–5 куси боцки. Широкиот плочест грбен раб со е 2–3 боцки, долги колку самиот раб.
Варијабилност Познати се следните варијабилности:
Onobrychis alba subsp. alba Onobrychis alba var. alba Onobrychis alba var. rhodopaea Onobrychis alba subsp. laconica Onobrychis alba subsp. macedonica Onobrychis alba subsp. calcarea Onobrychis alba var. striatula Onobrychis alba var. calcarea Onobrychis alba var. echinata Onobrychis alba subsp. mairei Onobrychis alba subsp. tenoreana
Распространетост во Македонија Onobrychis alba расте по брдски пасишта и варовнички и силикатни камењари. Растението е широко распространето на скоро цела територија на Македонија, но варијабилностите што се среќаваат во Македонија се застапени на различни места:
Onobrychis alba subsp. alba — широко распростането растение на скоро целата територија. Onobrychis alba var. alba — типичниот облик е со поограничено распространување и главно се развива врз силикатна подлога. Познат е за територијата помеѓу Скопје и Тетово; Маврово - Кожа и с. Врбен; Велес - с. Ногаевци, с. Уланци; Прилеп - Селечка Планина; Битола - „Крклинска Тумба" кај с. Кукуречани; Дојран - с. Ѓопчели. Onobrychis alba var. rhodopaea — доста често растение по варовничките камењари до 1.700 метри надморска височина. Познато за Скопје - пл. Жеден, с. Орашје, „Козјак“ над Нова Брезница; Жеденска Клисура; Скопска Црна Гора; Таорска Клисура; Ресен - над с. Брајчино; Прилеп - Козјак, Плетвар, Сивец, Дабничка Планина, помеѓу жел. ст. „Бакарно Гумно" и с. Чепигово, с. Тополчани; Македонски Брод - Барбарос; Пробиштип; Кратово; Гевгелија. Onobrychis alba subsp. calcarea — широко распространето растение врз варовник до 1.500 метри надморска височина. Се среќава во Куманово - с. Пезово, с. Пчиња; клисура на р. Пчиња кон с. Летевци и помеѓу с. Кожле и с. Бадар; Велес - Гроот, Дервен, с. Чашка; клисура на р. Тополка; клисура на р. Бабуна; Св. Николе - Богословец; Кавадарци - Полошки Манастир; Мариово - Витолиште кај „Гола Скрка“; Кичево с. Цер и Баба Сач; Бистра - над с. Галичник. Onobrychis alba var. echinata — широко распространето растение. Познато за Скопска Црна Гора; Скопје - Водно, Катлановска Бања, с. Добри Дол; Жеденска Клисура; Тетово - с. Групчин; Таорска Клисура; Велес - с. Чашка, с. Отовица; Штип околината на градот; Кочани околината на градот, с. Истибања; клисура на р. Раец; Прилеп - Сивец, с. Дебреште кај местото „Краста“, с. Тополчани; Ресен с. Отешево кај Крива Река; Галичица - Војтина Планина над с. Љубаништа; Кичево пл. Илиница; Гевгелија - с. Смоквица. Onobrychis alba var. striatula — растение главно ограничено на централните делови на Македонија, и тоа: Велес - Дервен, с. Ногаевци, с. Уланци, (†) с. Енешово, (†) с. Џидимирци, (†) с. Мушанци; Неготино - с. Криволак; Овче Поле с. Делисинци; Струмица - с. Вељуса. Onobrychis alba subsp. laconica — познат само на планината Галичица и Бистра на надморска височина до 1900 метри. Onobrychis alba subsp. macedonica — познат за Гевгелија над с. Ѓопчели и Демир Капија - над с. Клисура. Се развива исклучиво врз варовник.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Бобови Категорија:Повеќегодишни растенија