Његуши () — планинско село во Црна Гора, во состав на Општина Цетиње, сместено на падините на Ловќен во рамките на Национален парк Ловќен. Селото се наоѓа меѓу Цетиње и Котор и историски претставувало средиште на племето Његуши, едно од племињата на Стара Црна Гора.
Историја Името Његуши за првпат е забележано во которските документи во 1420 година. Во османлиските даночни дефтери од 1521 и 1523 година, Његуши биле попишани како населба составена од осум махали, меѓу кои се споменуваат Велји и Мали Залаз, Врба и Жањев До. Со зголемувањето на населението, околу главното населено место постепено се издвоиле повеќе заселби и села.
Његуши се особено познати како родно место на членовите на династијата Петровиќ-Његош, која владеела со Црна Гора од крајот на XVII до почетокот на XX век. Во Његуши се родени повеќе значајни членови на династијата, меѓу кои Петар II Петровиќ-Његош и Никола I Петровиќ-Његош.
Историската област Његуши постепено се проширила и опфатила повеќе населби околу Његушкото Поле. Меѓу традиционалните населби на племенската област се наведуваат Дуги До, Вељи Крај, Хераковиќи, Раичевиќи, Копито, Врба, Жањев До, Велји и Мали Залаз, а подоцна во племенската област биле вклучени и Мирац и Мајстори.
Во современо време Његуши се познати и по традиционалните производи његушки пршут и његушки сир, кои претставуваат карактеристичен дел од црногорската гастрономија. Според пописот од 2011 година, селото имало 35 жители.
Категорија:Населени места во Црна Гора