Aria chamaemespilus е вид цветно растение од семејството рози. Потекнува од планините на централна и јужна Европа, од Пиринеите на исток преку Алпите до Карпатите и Балканот, растејќи на надморска височина до 2500 м.
Опис Грмушесто растение, 1,5-3 м високо. Младите гранчиња бело-волнести, но покасно оголуваат, а кората им е светлокафеава или црвеникаво-кафеава. Пупките скоро голи, кафеави, само по работ на лушпите влакнести. Листовите кожести, тврди, елиптични до обратно-јајце-видни, 3-6 см долги, по работ просто напилени, а кон врвот обично двојно напилени. На горната страна зелени, по жилите со жлездести точки, на долната страна синкаво-зелени, голи или со ретки влакна, на врвот заострени, во основата широко-клиновидни или клиновидни. Спроводните жили 5-9 пара; лисните дршки 4-10 мм. Цветовите формираат мали но густи штитовидно-метличести соцветија. Чашкините ливчиња 1,5 мм долги, тесно-триаглести, однадвор голи, а внатрешната страна бело-волнеста, а и хипантиумот волнест. Венечните ливчиња розови до црвени, околу 5 мм долги, долгнавесто-јајцевидни, кон основата стеснети. Прашниците 20. Столпчињата 2. Плодот топчесто-јајцевиден, 10-13 мм долг, црвеникаво-кафеав, со малубројни лентицели. Семките 4.
Таксономија Видот првпат бил опишан како Mespilus chamaemespilus од Линеј во 1753 година. Наскоро бил префрлен во родот Sorbus, како Sorbus chamaemespilus, од страна на Кранц во 1763 година. Под ова име бил универзално познат речиси до крајот на 20 век или дури и подоцна, често ставан во свој подрод Chamaemespilus, разликуван од другите подродови на Sorbus по розовите цветови со ливчиња насочени напред (кои не се отвораат рамно). Сепак, со почетокот на генетската анализа, во 1991 година било утврдено дека Sorbus е полифилетичен и поделен на неколку родови; Sorbus chamaemespilus потоа бил ставен во монотипскиот род Chamaemespilus како Chamaemespilus alpina. Неодамна, станало јасно дека видовите со едноставни листови традиционално вклучени во Sorbus формираат монофилетска група, и затоа овој вид би можел да биде вклучен во проширениот род Aria. Базата на податоци „Plants of the World Online“ сега го прифаќа под името Aria chamaemespilus.
Распространетост во Македонија Се среќава по високите планини врз варовничка подлога во субалпскиот појас на планините на Западна и Јужна Маке- донија од Шар Планина па сè до Ниџе како и за Јакупица - Бабина Рупа под Солунска Глава.
Галерија
Наводи
Категорија:Таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Алпите Категорија:Флора на Франција Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Македонија