Onobrychis lasiostachya — повеќегодишен тревест вид на растение од фамилијата бобови опишан од Пјер Едмон Боасје.

Опис Onobrychis lasiostachya е повеќегодишно тревесто растение, до 40 см високо, од основата разгрането, со вертикални стебла кои во основата се лачно искривени; стеблата во голем број, неразгранети и обично голи. Листовите се непарно-перести, со 5–6 пара ливчиња; ливчињата линејно-ланцетни, 10–15 мм долги и 1,5–2 мм широки, во основата клиновидни, на врвот со кусо шилесто врвче, на горната страна голи, а на долната со ретки влакна по средната жила; долните листови со долги дршки, а кон горните дршките стануваат покуси. Прилисниците се сраснати, ципести, слободните делови колку срaснатиот дел или 2–3 пати подолги од него.

Соцветието е долгнавесто-јајцевидно, а со развитокот на плодовите се издолжува; дршката на соцветието долга колку пазувниот лист или покуса; брактеите голи, ципести, триаглесто-ланцетни, долги, достигнуваат до средината на трубестиот дел на чашката, а некои до основата на запците, кон врвот постепено заострени; брактеолите бели, ципести, кончести, околу 1 мм долги.

Чашката е 6–8 мм долга, скоро гола, со ретки влакна по работ и во основата на запците; запците на чашката 3–4 пати подолги од трубестиот дел и исто толку долги колку мешунката или малку подолги од неа. Венчето е розово; барјачето 7–8 мм долго; крилцата околу 2 мм долги; лаѓичката долга колку барјачето.

Мешунката е со густи куси прилегнати влакна, полукружлеста, дисковидно сплескана, по површината со длабоки неправилни вдлабнатини (фовеоли), а помеѓу нив со 7–9 долги шилести боцки; крилестиот грбен раб на мешунката со 5–6 остри боцки.

Распространетост во Македонија Onobrychis lasiostachya расте по варовнички камењари и брдски пасишта на надморска височина до 600 метри, главно во потоплите делови на Македонија, и најчесто во појасот на дабот прнар (Quercus coccifera). За растението е познато само дека се среќава во околината на Дојранското Езеро.

Наводи

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Бобови