Onobrychis caput-galli — едногодишен тревест вид на растение од фамилијата бобови првпат опишан од Карл Линеј, а новото име го добило од Жан Батист Ламарк. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Onobrychis caput-galli е едногодишно растение, 10–40 см високо, со полегнати, придигнати или вертикални стебленца. Стебленцата се разгранети, голи или со ретки прилегнати или полурасперени влакна. Листовите се непарно-перести, со 4–7 пара ливчиња; ливчињата линејни, линејно-ланцетни до долгнавесто-елиптични, на горната страна голи, а на долната страна по средната жила и по работ со ретки долги влакна; прилисниците до 1/3 сраснати меѓусебно, а горните делови слободни.
Соцветијата со мал број цветови, обично 2–5; дршката на соцветието за време на цветањето обично долга колку пазувниот лист, а потоа се издолжува и станува многу подолга од него; брактеите јајцевидно-ланцетни, заострени, 1,5–2 мм долги; брактеолите околу 0,5 мм долги.
Чашката е гола, 4–5 мм долга; трубестиот дел на чашката 1,5 мм долг; запците на чашката 3–4,5 мм долги и со нееднаква должина, при што двата најгорни се најдолги, а најдолниот најкус; на горната страна голи, а по работ со долги влакна. Венчето е розово или црвенкаво-розово; барјачето околу 5–6 мм долго, крилцата околу 4 мм долги, а лаѓичката околу 5 мм долга и на врвот тапа.
Мешунките се 7–10 мм долги, скоро полукружлести, дисковидно сплескани, по површината со многу ситни прилегнати влакненца, со многубројни кружлести вдлабнатини (фовеоли), а помеѓу нив со многубројни шилести боцки, кои често се свиткани кон врвот; грбниот раб со 6–8 шилести, околу 2 мм долги трнчиња, со кусо свиткан врв.
Распространетост во Македонија Onobrychis caput-galli расте по брдски пасишта и камењари во потоплите делови на Македонија на надморска височина до 600 метри. Растението се среќава во Жеденската Клисура; Скопје - с. Катланово; Таорска Клисура; клисура на р. Пчиња; Велес - Св. Илија, Башино Село, с. Отовица, с. Чашка, с. Уланци, с. Ногаевци, (†) с. Енешово; клисура на р. Бабуна; Св. Николе - с. Делисинци и Богословец; Штип, Кочани, околината на градот, с. Истибања; Неготино (†) с. Џидимирци; Демир Капија; Валандово; Богданци; Гевгелија, с. Стојаково и околината на Дојранското Езеро.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Бобови