Onobrychis aequidentata — едногодишен вид на растение од фамилијата бобови опишан од Џејмс Едвард Смит. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Onobrychis aequidentata e eдногодишно растение, од основата e разгрането, 20–40 см високо. Стебленцата се со прилегнати, не многу густи четинести влакна. Листовите се непарно-перести, со 4–6 пара ливчиња; ливчињата долгнавесто-елиптични до елиптични, на горната страна со ретки, тенки четинести влакна, а на долната страна со прилегнати влакна по средната жила и по работ; прилисниците се до 1/3 или 1/2 сраснати меѓусебно, ципести, а слободниот дел зелен.
Соцветието е со 2–5 цвета; дршката на соцветието многу подолга од пазувниот лист; брактеите јајцевидно-ланцетни, заострени, голи, 2–2,5 мм долги; брактеолите линејно-ланцетни, околу 2–5 мм долги. Чашката околу 10 мм долга, гола; запците на чашката 4–5 пати подолги од трубестиот дел, нееднакво долги, на врвот заострени, по грбната страна голи, а по работ со долги и густи, скоро прилегнати или полурасперени влакна.
Венчето е пурпурно; барјачето 10–12 мм долго, 2–3 мм подолго од лаѓичката; крилцата ланцетовидни, на врвот кусо заострени, околу 10 мм долги; лаѓичката околу 9–10 мм долга, на врвот тапа.
Мешунките се со густи прилегнати куси влакна, дисковидни, полукружлести, по површината со кружлести вдлабнатини (фовеоли), а помеѓу нив со јаки, во основата задебелени трнчиња, кои на врвот се кукесто свиткани; грбниот раб широко крилест, со 5–6 тврди, сплескано-триаглести запци со трновиден, кукесто свиткан врв.
Распространетост во Македонија Onobrychis aequidentata расте по тревести и каменливи места во потоплите делови на Македонија на надморска височина до 900 метри. Растението се среќава во Скопје - Катлановска Бања; клисура на р. Пчиња; Таорска Клисура; Велес - околината на градот, Гроот, Башино Село, с. Отовица, помеѓу с. Уланци и (†) с. Енешово; клисура на р. Тополка; клисура на р. Бабуна; Прилеп - Козјак; Гевгелија; околината на Дојранското Езеро.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Бобови