Стефан Пермски (околу 1340 – 26 април 1396) — руски православен мисионер, епископ, црковен писател и просветител, познат по христијанизацијата на народот Коми и по создавањето на првата писменост за комискиот јазик. Роден бил во Велики Устјуг. Потекнувал од свештеничко семејство, а образованието го стекнал во Ростов, каде што се замонашил и го изучил грчкиот јазик.
Во 1372 година Стефан создал посебна азбука за Комите, позната како старопермска азбука или анбур. Таа била приспособена кон гласовниот систем на комискиот јазик и се засновала главно врз грчката и кириличната писменост, со употреба и на традиционални комиски знаци. Називот „анбур“ потекнува од имињата на првите две букви — ан и бур.
Стефан ја употребил новосоздадената писменост за преведување на богослужбени книги на јазикот на Комите. Во 1370-тите години започнал мисионерска дејност во областа на реките Вичегда и Вим, каде што проповедал христијанство и основал цркви и училишта. Во 1383 или 1384 година бил поставен за прв епископ на Пермската епархија.
Како епископ продолжил со христијанизацијата и организирањето на црковниот живот во областа. Неговата дејност придонела и за политичкото и културното поврзување на Комиската земја со Московското Велико Кнежевство. Стефан умрел во Москва на 26 април 1396 година.
Главниот извор за неговиот живот е „Житието на Стефан Пермски“, напишано од Епифаниј Премудри, кој лично го познавал Стефан. Во Руската православна црква Стефан бил канонизиран во 1549 година и се празнува на 26 април.
Категорија:Православни светци