Spergula pentandra е вид на растение од родот пршленка (Spergula).

Опис Ова е едногодишно растение високо 5-15 см, неразгрането или од основата вертикално се издигаат повеќе стебленца. Листовите се 1-2 см долги, линејни, тапи, голи, без бразда на долната страна. Базалните листови во основата образуваат една привидна розета, а стеблените листови со листовите на кусите пазувни гранчиња исто така образуваат привидни пршлени. Цветовите се групирани во реткоцветни терминални или пазувни дихазиуми. Цветните дршки се обично голи. Чашкините ливчиња се пет, слободни, јајцевидни, зелени, со тесен бел ципест раб, долги до 3 мм. Венечните ливчиња се пет бели, обично малку подолги од чашкините ливчиња. Прашниците се пет, ретко повеќе, а плодникот со пет куси столпчиња.

Во Македонија Во Македонија расте по песокливи места, брдски пасишта и по ниви. Видот е познат за Делчево, Македонска Каменица, Битола и Струмица.Кирил Мицевски:Флора на Република Македонија, Том 1, св. 2, МАНУ, Скопје, 1993, стр. 294

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Каранфили Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа