Смокволисна дива лобода (лат: Chenopodium ficifolium), е растителен вид од семејството Amaranthaceae, првично по потекло од Ирано-туранскиот флористички регион. Тоа е археофит плевел во Европа и сега може да се најде во умерените региони за одгледување култури во поголемиот дел од светот.
Опис Едногодишно растение до 100 цм високо, повеќе или помалку со брашнест налеп. Стеблото вертикално во горниот дел разгрането, зелено, со надолжни црвени рабови. Листовите последователни, 2-3 пати подолги отколку широки, повеќето се троделни, при што средниот дел е подолг, ланцетовиден, целокраен или слабо неправилно назабен, на врвот тап. Најгорните листови со слабо изразена троделна форма, најчесто се ланцетни, од двете страни зелени. Во основата листовите клиновидни. Лисните дршки долги но покуси од ламината. Цветовите мали, хермафродитни и групирани во ретки класовидни метличести соцветија во пазувите на листовите, во најгорниот дел соцветието безлисно. Перијантните ливчиња 5, до половината или повеќе сраснати помеѓу себе, жолтеникави, а потоа стануваат темнокафеави или скоро црни, со бел ципест раб, заострени или тапи, покриени со брашнест налеп и налегнуваат на плодот. Перијантните ливчиња кај крајните цветови од секоја група во средината со јасно изразена грба. Прашниците 5. Плодникот со 2 жига. Перикарпот безбоен, тенок и прилепен кон семката. Семките вертикално сплескани, црни, светликави.
Распространетост во Македонија По влажните станишта покрај реките, по периферијата на селските населби, покрај селските пасишта и други станишта.
Се посочува за околината на градот Скопје и селото Кучково, Тетово - с. Порој, Гостивар, Куманово, Велес - с. Згрополци, Македонски Брод - с. Локвица.
Наводи
Категорија:Флора на Малта Категорија:Дива лобода Категорија:Флора Категорија:Флора на Македонија