„Одбрани раскази“ – збирка раскази на македонскиот писател Петре М. Андреевски од 1970 година, објавена како издание на Мисла во рамките на Новогодишната библиотека. Книгата, со обем од 123 страници, била испечатена во Графичкиот завод „Гоце Делчев“ во Скопје, во тираж од 30 000 примероци.Петре М. Андреевски, Одбрани раскази. Мисла, Скопје, 1970.

Содржина Збирката содржи десет раскази: Повраток Жена без лице Помеѓу Софроние и божјиот суд Седмиот ден Незнаен страв Прогонства на Бога и Јуда Последниот разговор на Меглена Ковилкоска и Јоаким Јоноски Синот на ѓаволот Пролет за приказ

Осврт кон делото Во предговорот со наслов „Петре М. Андреевски или Самостојна акција на личноста“, Слободан Мицковиќ нагласува дека прозата на Андреевски потекнуваат од асоцијациите кои ги сугерира неговата поезија. Притоа, неговите раскази се синтеза меѓу нарацијата на авторот и самостојната акција на ликовите. Во нив авторот транспонира една поетска опсервација во формата во која таа опстојува – исполнета со метафорика која се темели врз асоцијативното поврзување на нештата. Расказите живеат во читателот претежно низ емотивната прегнантност на односите, на атмосферата и на доживувањето а помалку со фабулата. Ликовите во расказите се маѓепсани, опседнати со мотиви надвор од вистинскиот свет. Главниот лик во нив е многувидниот селанец кој е единствениот дух на земјата и човекот мултиплициран во одделни личности. Авторот разоткрива една мрачна атмосфера која владее меѓу примитивните и груби луѓе вовлечени во паганството на секојдневното постоење, но поентата на авторот треба да се бара во вчудовидувачката виталност која луѓето ги држи во постојано опстојување. Неговите раскази даваат слика за една реалност согледана во самото извориште на светот. Во оваа проза реалност е и светот на магијата, чудата, катаклизмата, смртта. Притоа, иако расказите се поставени во еден еден автентичен регионален свет со препознатлива географија, тие поставуваат прашања кои се релевантни за човекот воопшто.Слободан Мицковиќ, „Петре М. Андреевски или Самостојна акција на личноста“, во: Петре М. Андреевски, Одбрани раскази. Мисла, Скопје, 1970, стр. 5-12.

Наводи

Категорија:Дела на Петре М. Андреевски Категорија:Изданија на Мисла Категорија:Македонски раскази Категорија:Македонски дела од 1970 година Категорија:Книги од 1970 година Категорија:Појавено во 1970 година во Македонија