Chenopodium strictum, е вид на годишна билка од фамилијата Amaranthaceae. Тие имаат самоодржлива форма на раст и едноставни, широки лисја. Поедини растенија можат да пораснат до 55 см високи.
Опис Едногодишно растение високо до 100 цм, разгрането, така што има пирамидален облик. Стеблото и страничните гранчиња со зелено-жолти линии, често интензивно црвено или виолетово обоени. Долните гранчиња, кај егземпларите кои се развиваат на слободен простор, се посилно развиени, прилегнати кон почвата, но врвовите на гранчињата секогаш се усмерени нагоре. Погорните гранчиња скоро налегнуваат на централното стебло. Листовите последователни но најдолните 3-4 пара накрсно наспрамни. Листовите 1,5-2 пати подолги отколку широки, ромбично-јајцевидни до долгнавесто-овални, целокрајни. Најчесто слабо и неправилно плитко назабени, при што најдолните запци се најголеми, а кон врвот на листот тие стануваат помали така што рабовите се скоро целокрајни и паралелни, а врвот завршува тапо. Погорните листови ланцетни и скоро целокрајни. Листовите темнозелени и често со црвеникави рабови. Долната страна на листовите со брашнест налеп, или гола, а горната страна со слаб брашнест налеп, кој брзо отпаѓа. Цветовите се групирани во мали, ретки, топчести образувања, а тие пак собрани во голи привидни класови кои заедно формираат привидно метличесто соцветие. Листовите на перијантот 5, скоро до половината сраснати помеѓу себе, со бел ципест раб, а во средината слабо грбесто подуени. Прашниците 5. Жиговите 2. Перикарпот светложолтеникав и лесно отпаѓа. Семките лековидни, црни, светликави, со заострени рабови.
Цветниот период трае од август до октомври. Опрашувањето обично се случува преку ветер.
Распространетост во Македонија Chenopodium strictum во Македонија расте по места со отпадоци и ѓубришта, покрај селски патишта, камени огради, урнатини и други станишта. Се посочува за Скопје, Куманово, Тетово - с. Порој, Гостивар, Битола и Струга.
Наводи
Категорија:Билки Категорија:Флора на Малта Категорија:Дива лобода Категорија:Штирови Категорија:Флора на Македонија