Господарот на прстените: Двете кули () — авантуристички филм во жанрот епска фантастика од 2002 г., осми долгометражен филм снимен од режисерот Питер Џексон по сценарио на Френ Волш, Филипа Бојенс, Стивен Синклер и самиот Џексон, заснован врз романската двотомна творба Двете кули од 1954 г., вториот дел од романот Господарот на прстените од Џ. Р. Р. Толкин. Тоа е продолжение на филмот од 2001 г., Господарот на прстените: Дружината на прстенот, и втор дел од филмската трилогија Господарот на прстените. Во филмот настапуваат глумци како Елајџа Вуд, Ијан Макелен, Виго Мортенсен, Шон Астин, Лив Тајлер, Кејт Бланчет, Џон Рис-Дејвис, Бернард Хил, Кристофер Ли, Били Бојд, Доминик Монаган, Орландо Блум, Хјуго Вивинг, Миранда Ото, Дејвид Венем, Бред Дуриф, Карл Урбан и Енди Серкис.

Продолжувајќи ја приказната од претходниот филм, дејството се дели на три сижетни линии: Фродо и Сем го продолжуваат патувањето кон Мордор за да го уништат Прстенот на моќта, при што им помага Голум, несигурен поранешен сопственик на прстенот. Мери и Пипин бегаат од своите напаѓачи орки, се среќаваат со Ентот Дрвобрад и помагаат да се испланира нападот врз Изенгард, тврдината на Саруман. Арагорн, Леголас и Гимли во своите трагања доаѓаат во загрозената земја Рохан и се обединуваат со воскреснатиот Гандалф, пред да се соочат со легионите на злобниот волшебник Саруман во Битката кај Хелмовата Бездна.

Филмот Господарот на прстените: Двете кули бил финансиран и распределен од американското студио New Line Cinema, но бил снимен и монтажно обработен целосно во родната земја на Џексон, Нов Зеланд, истовремено со другите два дела од трилогијата. Премиерата се одржала на 5 декември 2002 г. во театарот Зигфелд во Њујорк, а потоа на 18 декември филмот бил пуштен во киноприкажување во САД и на 19 декември во Нов Зеланд. Филмот бил топло прифатен и од критиката и од публиката, кои го сметале за пресвртница во кинематографијата и врвно достигнување во жанрот фантастичен филм. Добил пофалби за режијата, борбените сценаристички изведби, глумата, музиката и визуелните ефекти, особено за ликот на Голум. Заработил над 936 милиони долари ширум светот во првичниот киноприкажување, со што станал најуспешен филм за 2002 г. по заработка, како и трет филм со најголема заработка на сите времиња зад филмовите Титаник и Хари Потер и Каменот на мудроста во времето на неговото излегување. По подоцнежните повторни прикажувања, филмот собрал вкупно 951 милион долари.

Како и другите филмови од трилогијата, филмот бил широко прифатен како еден од најголемите и највлијателните филмови на сите времиња, како и еден од најдобрите продолженија во филмската историја. Филмот добил бројни награди; на 75-тото доделување на наградите „Оскар“ бил номиниран во шест категории, вклучително и за „Најдобар филм“, при што ги освоил наградите за „Најдобар звук“ и „Најдобри визуелни ефекти“.

Последниот дел од трилогијата, Враќањето на кралот, излегол во 2003 г.

Содржина

Пробудувајќи се од сон во кој Гандалф се бори со балрог во Морија, Фродо Багинс и Семвајз Гемџи сфаќаат дека се заглавени во Емин Муил во близина на Мордор. Откриваат дека ги следи Голум, поранешниот сопственик на Единствениот прстен. Откако го заробуваат, Фродо го сожалува Голум и му дозволува да им биде водич, потсетувајќи го Сем дека ќе им треба некој да ги помине низ Мртвите Блата за да стигнат до Мордор.

Арагорн, Леголас и Гимли ја бркаат четата орки за да ги спасат своите другари Мери и Пипин, при што влегуваат во кралството Рохан, земјата на коњаниците. Орките стануваат жртви на заседа од рохиримска коњаница, што им овозможува на Мери и Пипин да избегаат во шумата Фангорн. Кога ја среќаваат дружината на Арагорн, рохиримскиот предводник Еомер им објаснува дека тој и неговите луѓе се прогонети од кралот Теоден, кој е под волшебничко влијание на Саруман и неговиот слуга Грима Црвојазик. Еомер верува дека Мери и Пипин се мртви, но им остава два коња. Во Фангорн, дружината го среќава Гандалф, кој по борбата со балрогот е воскреснат како Гандалф Белиот за да помогне во спасувањето на Средната Земја.

Гандалф им се придружува и ги води кон роханската престолнина Едорас, каде што го ослободува Теоден од волшепствата на Саруман, додека Грима веднаш ја губи својата положба на дворот. Арагорн го спречува Теоден да го погуби Грима, кој бега во Изенгард. Откако дознава за плановите на Саруман да го уништи Рохан со неговата војска од орки, Теоден го евакуира народот во тврдината Хорнбург во Хелмовата Бездна. Гандалф заминува да го бара Еомер и неговите војници. Арагорн се зближува со внуката на Теоден, Еовин, која се вљубува во него. Кога бегалците се нападнати од јавачи на варги, Арагорн паѓа во провалија за време на борбата и е прогласен за мртов. Го наоѓа коњот Брего, кој го пушта на слобода, па со него заминува за Хелмовата Бездна, каде што гледа како се приближува војската на Саруман.

Во Ривендел, Елронд ѝ соопштува на Арвен дека Арагорн нема да се врати и дека дури и да победи, тој е смртен, додека таа ќе го надживее со илјадници години. Со болка во душата, Арвен тргнува кон Валинор. Како и да е, по убедување од Галадриела, виленичкиот сојуз со луѓето е обновен, и виленички одред е испратен во помош на Хелмовата Бездна.

Во Фангорн, Мери и Пипин го запознаваат Ентот Дрвобрад. Откако ги уверуваат во своите намери, заминуваат на Советот на Ентовите, каде што одлучуваат да не учествуваат во војната. Пипин го моли Дрвобрад да ги однесе кон југ, каде што гледаат како индустријализацијата на Изенгард ги уништува шумите. Разјарените Ентови го напаѓаат Изенгард, ја пуштаат реката да ја урне браната и го затвораат Саруман во неговата кула.

Арагорн пристигнува во Хелмовата Бездна и го предупредува Теоден за претстојната опасност. И покрај огромната надмоќ на непријателот, виленичкиот одред пристигнува како засилување. Уруг-хаите го пробиваат надворешниот ѕид со избувливо средство, при што загинува виленичкиот командант Халдир. Заштитниците се повлекуваат во тврдината. На зори, кога сѐ изгледа изгубено, се појавуваат Гандалф и Еомер со Рохиримите, целосно менувајќи го текот на битката.

Голум ги води Фродо и Сем низ Мртвите Блата до Црните Порти, но сфаќаат дека оттаму не можат да влезат незабележани. Голум им нуди друг пат. Нив ги заробуваат итилиенските извидници предводени од Фарамир, помладиот брат на покојниот Боромир. Откако дознава за прстенот, Фарамир одлучува да ги однесе во Гондор кај својот татко Денетор. Низ опколениот град Осгилијат, Фродо за малку паѓа под власта на прстенот и е нападнат од назгул, но Сем го спасува. Воодушевен од нивната цврстина, Фарамир ги ослободува, но ги предупредува за опасноста од патеката низ која ги води Голум кон Кирит Унгол. Чувствувајќи се предаден, Голум решава да го врати прстенот со тоа што ќе ги доведе до пајакот во Кирит Унгол.

Улоги

| Елајџа Вуд || Фродо Багинс |- | Виго Мортенсен || Арагорн |- | Ијан Мекелен || Гандалф Сивиот / Гандалф Белиот |- | Шон Астин || Семвајз Гемџи |- | Доминик Монаган || Меријадок „Мери“ Брендабак |- | Били Бојд || Перегрин „Пипин“ Тук |- | Орландо Блум || Леголас |- | Џон Рис-Дејвис || Гимли, син на Глоин |- | Енди Серкис || Голум / Смеагол |- | Кристофер Ли || Саруман Белиот |- | Бернард Хил || Теоден |- | Миранда Ото || Еовин |- | Кејт Бланчет || Галадриела |- | Карл Урбан || Еомер |- | Бред Дуриф || Грима Црвојазик |- | Хјуго Вивинг || Елронд |- | Лив Тајлер || Арвен |- | Дејвид Венем || Фарамир

Наводи

Надворешни врски Матична страница

Категорија:Американски филмови Категорија:Новозеландски филмови Категорија:Американски авантуристички филмови Категорија:Филмови од 2002 година Категорија:Филмови на англиски јазик Категорија:Американски фантастични филмови Категорија:Филмови на New Line Cinema Категорија:Господар на прстените