Чуквунонсо Азука Тристан „Нони“ Мадуеке (роден на 10 март 2002 г.) — англиски фудбалер, крило на Арсенал и на англиската репрезентација.
Откако играл на младинско ниво во Кристал Палас и Тотенхем Хотспар, Мадуеке ја започнал професионалната кариера во холандскиот клуб ПСВ Ајндховен. Во 2023 година, тој му се приклучи на Челзи, по четири и пол години поминати во ПСВ. Тој бил дел од составот на Челзи кој ги освоил титулите во Лигата на конференции во сезоната 2024–25 и Светското клупско првенство во 2025 година. Во јули 2025 година, тој потпишал договор со лондонскиот ривал Арсенал за сума од 48,5 милиони фунти и ја освоил титулата во Премиер лигата во својата прва сезона.
Роден во Лондон од нигериски родители, Мадуеке избрал да настапува за Англија на младинско ниво. Во август 2024 година, тој дебитирал за сениорската репрезентација, а својот прв сениорски гол го постигнал против Србија во квалификациите за Светското првенство 2026.
Технички карактеристики При потпишувањето за ПСВ Ајндховен во јуни 2018 година, Мадуеке бил опишан од клубот како „креативен, физички силен левак од средниот ред“. Неговиот тренер во ПСВ, Роџер Шмит ја истакнал неговата способност за читање на играта и правилно позиционирање. BBC го опишал како директен, силен и разновиден напаѓач, кој бил инспириран од Кристијано Роналдо. Мадуеке е познат по својата брзина и способност за дриблинг.
Клупска кариера Почетоци Мадуеке му се приклучил на Кристал Палас на 9-годишна возраст и во клубот поминал три години. Тој потоа преминал во младинските категории на Тотенхем Хотспар каде што бил капитен на младинскиот тим до 16 години и дебитирал за тимот до 18 години на 15-годишна возраст.
ПСВ Ајндховен Во јуни 2018 година, Мадуеке потпишал тригодишен договор со ПСВ Ајндховен, одбивајќи понуда од Манчестер Јунајтед. На 26 август 2019 година, тој го одиграл својот прв натпревар за резервиот тим на ПСВ во втората холандска лига, влегувајќи како замена во поразот од 1–0 од МВВ Мастрихт.
Откако го одиграл својот прв натпревар за ПСВ на 19 јануари 2020 година, во ремито 1–1 против ВВВ-Венло, Мадуеке целосно се пробил во тимот на ПСВ во сезоната 2020–21, постигнувајќи гол на својот прв натпревар како првотимец во победата од 2–1 против Емен. Тој ја завршил сезоната со седум гола во првата холандска лига. Тој бил опишан како играч кој се афирмирал, постигнувајќи девет гола и осум асистенции во сите натпреварувања.
На 7 август 2021 година, Мадуеке постигнал два гола во победата од 4–0 над Ајакс во холандскиот суперкуп, помагајќи му на ПСВ да ја прекине низата на Ајакс од 17 натпревари без пораз. На 26 август, тој потпишал нов договор со ПСВ со важност до 2025 година, и го добил дресот со број 10.
Челзи
На 20 јануари 2023 година, Мадуеке потпишал седум и пол годишен договор со премиерлигашот Челзи, за проценета сума од 28,5 милиони фунти (33 милиони евра). Тој го постигнал својот прв гол за клубот на 2 мај, во поразот со 3–1 на гостувањето кај Арсенал.
Во сезоната 2023–24, Мадуеке постепено добивал поголема улога во тимот и ја завршил со пет гола во 23 настапи во Премиер лигата. На 27 декември 2023 година, тој го постигнал својот прв гол во сезоната во победата од 2–1 против Кристал Палас, а три дена подоцна повторно бил стрелец во победата од 3–2 на гостувањето кај Лутон Таун. На 5 мај 2024 година, тој постигнал два гола во убедливата победа од 5–0 против Вест Хем Јунајтед.
Мадуеке го постигнал првиот хет-трик во својата кариера во победата од 6–2 против Вулверхемптон Вондерерс на 25 август 2024 година, откако претходно истиот ден бил критикуван поради омаловажувачка објава за градот Вулверхемптон на Инстаграм. Тој подоцна ја избришал објавата и се извинил.
Во декември 2024 година, менаџерот Енцо Мареска изјавил дека Мадуеке треба да работи повеќе, истакнувајќи дека може значително да го подобри својот учинок. Во февруари 2025 година, Мадуеке се повредил и бил надвор од терените до крајот на март.
По повредата, Мадуеке постигнал два гола во победата од 3–0 над Легија Варшава во четвртфиналето од Лигата на конференции. Во полуфиналето против Јургорден, тој повторно бил стрелец во победата од 4–1 на гости. Мадуеке настапил и во финалето против Реал Бетис, во кое Челзи победил со 4–1 и ја освоил титулата. Тој ја завршил сезоната со 11 гола во сите натпреварувања, од кои седум во Премиер лигата и четири во Лигата на конференции.
Арсенал На 5 јули 2025 година, BBC објавил дека Мадуеке се договорил за личните услови со Арсенал, иако двата клуба сè уште немале постигнато договор за трансферната сума. На 9 јули било потврдено дека Арсенал испратил официјална понуда до Челси, а следниот ден бил постигнат принципиелен договор за трансфер вреден 50 милиони фунти.
На 18 јули 2025 година, Мадуеке бил официјално претставен како играч на Арсенал, потпишувајќи петгодишен договор за пријавена почетна сума од 48,5 милиони фунти, која може да достигне до 52 милиони фунти со бонуси. На 17 август, тој го одиграл првиот натпревар за клубот како замена во победата од 1–0 против Манчестер Јунајтед.
На 23 септември 2025 година било објавено дека Мадуеке ќе отсуствува шест до осум недели поради повреда на коленото, откако го напуштил теренот во ремито 1–1 против Манчестер Сити. На 26 ноември, Мадуеке го постигнал својот прв гол за Арсенал во победата од 3–1 над Баерн Минхен во Лигата на шампионите.
На 31 јануари 2026 година, Мадуеке го постигнал својот прв гол во Премиер лигата за Арсенал во победата од 4–0 против Лидс Јунајтед. Голoт првично бил запишан како автогол на Карл Дарлоу, пред панелот на Премиер лигата за потврдување на стрелците да му го припише голот на Мадуеке. Голoт бил постигнат директно од корнер. На 24 мај 2026 година, Мадуеке постигнал гол во победата на Арсенал од 2–1 на гостувањето кај Кристал Палас во последното, 38. коло од Премиер лигата, со што Арсенал ја освоил својата прва титула во Премиер лигата по 22 години.
Репрезентативна кариера Младински репрезентации
Мадуеке ја претставувал Англија во младинските категории, постигнувајќи два гола за репрезентацијата под 17 години во квалификацискиот натпревар против Данска, а бил и дел од составот кој настапил на Европското првенство за играчи под 17 години 2019 во Ирска.
Мадуеке го одиграл својот прв натпревар за репрезентацијата до 18 години како замена во 70. минута во победата од 3–2 над Австралија на 6 септември 2019 година. Тој ги постигнал првите голови за репрезентацијата до 18 години во победата од 2–0 над Јужна Кореја на 10 септември 2019 година.
На 15 март 2021 година, Мадуеке за прв пат бил повикан во репрезентацијата на Англија под 21 година како дел од составот на Англија за Европското првенство за играчи под 21 година 2021. Тој бил дел од почетниот состав во вториот натпревар од групната фаза, кој Англија го загубила со 2–0 од Португалија. Мадуеке го постигнал својот прв гол за репрезентацијата под 21 година во пријателската победа од 4–0 над Франција на 25 март 2023 година.
На 14 јуни 2023 година, Мадуеке бил именуван во составот на Англија за Европското првенство за играчи под 21 година 2023. Настапувајќи на сите шест натпревари на својата земја, Мадуеке ѝ помогнал на Англија да го освои првенството без да прими ниту еден гол.
Сениорска репрезентација На 29 август 2024 година, Мадуеке првпат бил повикан во сениорската репрезентација, за натпреварите од Лигата на нации против Република Ирска и Финска. На 10 септември 2024 година, тој го одиграл својот прв натпревар за англиската репрезентација против Финска на Вембли, влегувајќи во 66. минута како замена за Букајо Сака, при што асистирал за вториот гол на Хари Кејн десет минути подоцна, во победата на Англија од 2–0.
Мадуеке за првпат бил во почетниот состав на репрезентацијата на Англија на натпреварот од Лигата на нации против Грција, асистирајќи на Оли Воткинс за водечкиот гол во победата од 3–0. На 9 септември 2025 година, тој го постигнал својот прв сениорски репрезентативен гол во победата од 5–0 над Србија во рамките на квалификациите за Светското првенство 2026.
На 22 мај 2026 година, Мадуеке бил именуван во составот од 26 играчи за Светското првенство 2026.
Наводи
Надворешни врски
Профил на мрежното место на Арсенал Профил на мрежното место на Англиската фудбалска федерација
Категорија:Родени во 2002 година Категорија:Живи луѓе Категорија:Англиски фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК ПСВ Ајндховен Категорија:Фудбалери на ФК Челзи Категорија:Фудбалери на ФК Арсенал Категорија:Фудбалери од Премиер Лига Категорија:Фудбалери на Светско првенство 2026