Soldanella pindicola — вид цветно растение кое припаѓа на родот Soldanella, од семејството Јаглики (Primulaceae). Видот за првпат го опишал германскиот ботаничар Хајнрих Карл Хаускнехт.

Опис и распространетост Soldanella pindicola е повеќегодишно тревесто растение со прилично јак ризом, со тенки и долги подземни столони и со тенки и долги коренчиња. Листовите се распоредени во основата и имаат долги дршки што се за 2 до 3 пати подолги од самата лисна плоча, прекриени со жлездени влакненца. Овие влакненца, изградени од 1 до 2 клетки, се најгусти кај младите листови. Лисната плоча има круглесто-срцевиден облик и кожеста текстура, достигнувајќи до 3 см должина и 3,5 см ширина. Листовите од горната страна се зелени, додека од долната се белузлави до сивкасто-зелени и густо ишарани со портокалови точкасти жлезди. Рабовите им се малку свиткани надолу и плитко, речиси незабележливо назабени со неколку широки запци. Соцветието најчесто се состои од 2 до 4 цвета распоредени во еден пршлен. Неговото стебло е подолго од листовите и е прекриено со жлездени влакненца, а при созревањето на плодовите се издолжува и може да достигне до 20 cm. Цветните дршки се исто така густо покриени со жлездени влакна и имаат различна должина; кај зрелите плодови тие се од 2 до 5 см, односно се 2 до 4 пати подолги од самата семена кутијка. Чашкините ливчиња се зелени и долги околу 3 мм, покриени со ретки, речиси седечки жлездени влакненца. На нив јасно се истакнува една средна жила, како и две помлади и потенки странични жили кои едвај стигнуваат до средината на ливчето. Венчето е виолетово и ѕвонесто, до половината расечено на линејни делови, од кои пошироките имаат 2–3 мали запци на врвот. Прашниците се со должина од околу 5 мм, со исто толку долги и голи прашнички конци. Антерите се долги 2,7 мм, а нивниот конектив на врвот продолжува во виолетов, дводелен клунест израсток од околу 1 мм. Во основата помеѓу прашничките конци се наоѓаат 5 грлени лушпи кои на врвот се длабоко расечени и имаат облик на два триаголници сраснати во основата. Плодникот има издолжено голо столпче, значително подолго од венчето. Плодот е цилиндрична кутијка, долга 12-15 мм, со изразени надолжни ребра и на врвот со неколку распрснати запци.

Во Македонија расте на влажни терени во планински области над 1500 метри. Се среќава на Шар Планина и Јабланица.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа