Cyclamen hederifolium — вид цветно растение кое припаѓа на родот циклама (Cyclamen), од семејството јаглики (Primulaceae). Автохтоно е во шумски предели, грмушести области и карпести терени на надморска височина до 1200 метри во медитеранскиот регион, од јужна Франција до западна Турција и на медитеранските острови. Денес е натурализирано во посеверните делови на Европа и во Орегон. Поради високата адаптабилност и отпорност во океански климатски услови, претставува нашироко одгледуван вид циклама. Таксономија Прифатени се два подвида:

Cyclamen hederifolium subsp. hederifolium — низ целиот ареал на видот. Cyclamen hederifolium subsp. crassifolium (Hildebr.) Culham, Denney & P.Moore — јужна Грција Сродната критска циклама, порано позната како Cyclamen hederifolium var. confusum, денес е признаена како посебен вид под името, Cyclamen confusum. Етимологија Името на видот hederifolium е дериват од латинските термини hedera (бршлен) и folium (лист), инспирирано од морфологијата и шареноста на лисната плоча. Неговиот ботанички синоним Cyclamen neapolitanum е географски епитет што се однесува на Неапол како дел од неговиот ареал.

Опис и распространетост Cyclamen hederifolium е туберозно повеќегодишно растение кое расте до 30 см високо. Неговата подземна, плочеста и округла кртола (грутка) во пречник е 3-15 см, со коренчиња кои се развиваат на горната половина. Од централниот дел на горната страна на грутката изникнува стебленце со листови. Цвета и разлистува во есен, продолжува со раст во текот на зимата, а преку летото влегува во период на мирување, откако претходно ќе созреат и ќе се отворат неговите семени капсули. Лисната плоча има многу разновиден изглед — таа е долгнавесто-срцевидна, гола и најчесто има од 5 до 9 лобуси. Рабовите ѝ се неправилно назабени, а горната страна е зелена со сребренесто-бели шари, додека долната е зелена или зеленикаво-кафеава. Лисните дршки се влакнести и достигнуваат должина до 20 см. Цветните дршки се подолги од лисните, покриени со кратки влакна и при созревање на плодот спирално се свиткуваат. Цветовите се самостојни, наведнати надолу и имаат слаб мирис. Чашката е длабоко засечена до основата; запците се триаглести, ретко и неправилно назабени, со ситни влакненца по површината и рабовите. Венчето е светлорозово или бело со темнопурпурни двојни дамки во грлото. Неговите слободни делови (околу 20 мм) се свртени наназад, за 2,5–3 пати се подолги од венечната цевка и во основата имаат по две ушести подувања од двете страни. Прашниците се прикрепени за основата на венечната трубичка и имаат многу куси прашнички конци (од едвај 0,5 мм). Антерите се долги околу 4 мм, завршуваат со долг и заострен врв, а нивната површина е прекриена со густи темновиолетови точки од надворешната страна и со поретки точки од внатрешната страна. Столпчето е подолго од антерите. Плодот е сферична кутијка со пречник околу 1 см.

Во Македонија расте во ретки дабови и габерови шуми и меѓу грмушести формации од низините до 1000 метри надморска височина. На оваа висина претставува широко распространето растение низ целата земја. Галерија

Наводи

Литература Циклама: водич за градинари, хортикултури и ботаничари од К. Греј-Вилсон (Google Books)

Надворешни врски

Здружение на циклама Пацифичко друштво за луковици CalPhotos

Категорија:Циклами Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа