Lysimachia linum-stellatum (син. Asterolinon linum-stellatum) — вид тревесто едногодишно цветно растение кое припаѓа на родот Lysimachia, од семејството јаглики (Primulaceae). Овој вид главно ги населува суптропските предели на просторот од Канарските Острови и Медитеранот до Иран, а негово присуство е забележано и во Македонија. За првпат е опишано од страна на Карл Линеј, а сегашното официјално име го добива подоцна од Жан Етјен Дуби. Видот порано бил вклучен во родот Asterolinon синоним на родот Lysimachia.

Опис и распространетост Lysimachia linum-stellatum е нежно и голо растение, високо 3-10 см, може да биде неразгрането или разгрането. Стеблото е четириаглесто и по рабовите има тесни крилести израстоци. Листовите се спротивно поставени, долги 3-7 мм, ланцетни, без дршка, со остар врв, најчесто еднакви или подолги од интернодиумите, а рабовите им се многу ситно и едвај видливо назабени. Цветовите се образуваат во пазувите на листовите, поставени на исправени дршки со должина од 2 до 4 мм, кои по прецветувањето се свиткуваат надолу. Чашката е со должина од 3 до 5 мм и е поделена сè до самата основа на линејни или ланцетасти делови. Тие се одликуваат со исклучително ситно напилени рабови и завршуваат со издолжен, остар врв. Венчето е значително помало од чашката (со должина од 0,2 до 2 мм), има бела боја и е поделено на околу 2/3 од својата должина на широко-обратно-јајцевидни делови. Овие ливчиња на врвот се рамни или имаат благ засек. Прашниците се долги околу 0,5 мм и се сраснати со работ од венечната цевка (трубичка). Филаментите се еднакво долги колку и антерите и го надвисуваат венчето. Столпчето е долго колку прашниците. Плодната кутијка е гола, сферична, со дијаметар 1,5-2 мм и се отвора надолжно на пет делови. Семките се долги околу 1 мм, темнокафеави и со напречно набрана површина.

Во Македонија расте на суви тревни почви во потоплите региони. Се среќава во клисурите на реките Тополка и Бабуна, Демир Капија, околината на Валандово, како и во Гевгелија, Стар и Нов Дојран – Асанли и Ѓуранѓа. Синоними Asterolinon linum-stellatum (L.) Duby во APde Candolle, Prodr. 8:68 (1844) Asterolinon stellatum Hoffmanns. & Link in Fl. Portug. 1: 333 (1820), nom. superfl. Asterolinon lysimachioideum St.-Lag. in Ann. Soc. Bot. Lyon 7: 64 (1880) Lysimachia linifolia Salisb. in Prodr. Stirp. Chap. Allerton: 120 (1796) Lysimachia stellata St.-Lag. in Ann. Soc. Bot. Lyon 7: 130 (1880)

Наводи

Категорија:Флора на Азербејџан Категорија:Флора на Ерменија Категорија:Флора на Хрватска Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа