Алпски штавеј () — лиснато повеќегодишно растение од семејството подворки. Потекнува од планинските области на Европа и Западна Азија.

Опис Алпскиот штавеј е повеќегодишно растение со ползечки ризом. Може да достигне висина од 60 до 200 см. Стеблото е исправено, набраздено и неразгрането сè до под соцветието. Листовите се многу големи, овално-кружни, со долги дебели лисни дршки и неправилни рабови. Базалните листови имаат горна површина без влакна, но имаат неколку влакна долж нервите на долната површина. Горните листови се наизменични, помали и поиздолжени. На местото каде што нивните дршки се спојуваат со стеблото, има мембранозна обвивка (охреа) образувана со спојување на два прилисници (stipulae) во обвивка која го опкружува стеблото и има рапав горен раб. Цветовите се распоредени во многу разгранети, густи терминални сложени метлички. Тие се еднодомни со еднополови цветови или често двополови (хермафродитни) и се анемофилни. Околоцветникот (перијантот) е составен од два круга со по три ливчиња. Надворешните се свиткани наназад, а внатрешните образуваат плодни залистоци кои се тркалезни, пошироки отколку што се долги, со срцевидна основа и цели рабови. Цветот има шест прашници и толчник изграден од три споени плодни листови (карпели) и три жигови со столпчиња. Плодовите се кафеави, тристрани ахени. Растението цвета од јуни до август.

Распространетост мини| Алпскиот штавеј расте на Фелдалпе во Алпите под планината Гибел. Зад: Гросер Вајлдер и Шнек. Алпскиот штавеј е природно распространет во Средна и Јужна Европа и во Западна Азија. Покрај неговата област на природна распространетост, алпскиот штавеј е натурализиран и во други делови на Европа (како Велика Британија и Скандинавија) и во Северна Америка.

Во Македонија е многу често растение, познато за Скопска Црна Гора, Шар Планина, Јакупица, Бистра, Кораб, Дешат, Јабланица, Дудица, Пелистер и Галичица.

Живеалиште Овој вид претпочита средини на голема надморска височина богати со нитрати, обично од 2000 до 2400 м. Може да се најде на обработливо земјиште, полиња, дворови, запуштени места, покрај патишта и брегови.

Наводи

Надворешни врски

Biolib: Rumex alpinus Catalogue of Life: Rumex alpinus

Категорија:Дводомни растенија Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Алпите Категорија:Планински растенија Категорија:Штавеј (род)