Родриго Хавиер Де Паул (роден на 24 мај 1994 г.) — аргентински фудбалер, кој игра во средниот ред на Интер Мајами и на аргентинската репрезентација.
Де Паул ја започнал професионалната кариера во Расинг Клуб, а во 2014 година се преселил во Валенсија. Две години подоцна потпишал за Удинезе, каде што се етаблирал како еден од клучните играчи на тимот. Во 2021 година тој потпишал за Атлетико Мадрид. Во сезоната 2024–25, тој бил избран во најдобриот тим на Ла Лига. Во 2025 година Де Паул се приклучил на Интер Мајами.
Де Паул дебитирал за аргентинската репрезентација во 2018 година. Тој бил дел од составите на Аргентина на Светското првенство во 2018, Светското првенство во 2022 и Светското првенство во 2026, при што со репрезентацијата ја освоил титулата во 2022 година и бил дел од почетниот состав во финалето. Тој исто така бил дел од аргентинските состави на Копа Америка 2019, Копа Америка 2021 и Копа Америка 2024, освојувајќи ги изданијата во 2021 и 2024 година. На двата турнира бил избран во идеалниот тим на турнирот.
Клупска кариера Расинг Клуб Роден во Саранди, Буенос Аирес, Де Паул се приклучил на младинската школа на Расинг Клуб во 2002 година, на осумгодишна возраст. На 24 јуни 2012 година, тој бил вклучен во првиот тим за натпреварот против Велес Сарсфилд, но останал неискористена замена во поразот од 1–2.
Во јануари 2013 година, Де Паул дебитирал за Расинг Клуб на пријателски натпревар против Ривер Плејт. Првиот официјален натпревар, тој го одиграл на 10 февруари 2013 година против Атлетико Рафаела, кога влегол во 86. минута на местото на Мауро Каморанези, во поразот од 0–3. Својот прв гол, тој го постигнал на 10 март во победата од 3–0 против Сан Мартин де Сан Хуан, со удар од далечина.
Во аргентинската Примера Дивисион, во Торнео Инисијал 2013, Де Паул започнал да го носи дресот со број 10. На 14 август 2013 година, тој дебитирал во Копа Судамерикана 2013 против Ланус, во поразот на Расинг од 2–1. Во сезоната 2013–14, Де Паул продолжил да биде стандарден првотимец, а периодот во Расинг го завршил со 57 настапи и седум гола.
Валенсија На 9 мај 2014 година било објавено дека Валенсија постигнала договор со Расинг за трансферот на Де Паул, вреден 6,5 милиони американски долари. На 6 јуни, Де Паул потпишал петгодишен договор со Валенсија. Во Ла Лига, Де Паул дебитирал на 23 август 2014 година под водство на тренерот Нуно Еспирито Санто, во ремито 1–1 на гостувањето кај Севиља. Тој влегол во игра во 65. минута од натпреварот на местото на Пако Алкасер, но само минута подоцна бил исклучен поради прекршок над Алеш Видал, за кој добил суспензија од 4 натпревари. Првиот гол за клубот, Де Паул го постигнал на 4 декември 2014 година во победата од 2–1 над Рајо Ваљекано во Купот на Кралот. Својот прв гол во Ла Лига, тој го постигнал на 9 април 2015 година против Атлетик Билбао, и ја завршил првата сезона со 29 настапи во сите натпреварувања.
По 14 настапи во сите натпреварувања во првата половина од сезоната 2015–16, вклучувајќи два во Лигата на шампионите, на 4 февруари 2016 година Де Паул бил испратен на позајмица од тренерот на Валенсија, Гари Невил, во својот поранешен клуб Расинг Клуб. Тој постигнал гол за Расинг во победата од 4–1 над Боливар на 24 февруари во Копа Либертадорес.
Удинезе На 20 јули 2016 година Де Паул преминал во Удинезе за трансфер вреден околу 3 милиони евра. Тој потпишал петгодишен договор и го добил дресот со број 10, кој претходно го носел Антонио Ди Натале. Тој дебитирал на 13 август во Купот на Италија против Специја, кога го постигнал својот прв гол за клубот, но Удинезе загубил со 2–3. Во Серија А, Де Паул дебитирал една недела подоцна против Рома, во поразот од 0–4. Првиот гол во првенството, тој го постигнал на 29 јануари 2017 година против Милан, кога со неговиот гол Удинезе победил со 2–1. Де Паул особено се истакнал на 9 април 2017 година против Џенова, постигнувајќи два гола во победата од 3–0, а учествувал и во создавањето на третиот гол.
Во сезоната 2017/18, Де Паул продолжил да биде стандарден првотимец на Удинезе. На 20 септември 2017 година тој постигнал гол од пенал во поразот од 2–3 против Торино, а на 30 септември повторно бил стрелец од белата точка во убедливата победа од 4–0 над Сампдорија. Во победата над Сампдорија, Де Паул асистирал за голот на Макси Лопес со центаршут од десната страна. Во текот на сезоната, Де Паул забележал седум асистенции во Серија А, а првенството го завршил со 37 настапи и четири гола.
Сезоната 2018–19 била пресвртница во престојот на Де Паул во Удинезе, бидејќи тој станал еден од главните играчи во тимот. На 23 септември 2018 година, Де Паул постигнал гол и забележал асистенција во победата од 2–0 над Кјево. На 24 ноември, тој го постигнал единствениот гол во победата од 1–0 над Рома. На 7 април 2019 година, на својот 100. настап во Серија А, Де Паул постигнал два гола во победата од 3–2 над Емполи. Само неколку недели подоцна, на 28 април, тој постигнал гол и во победата од 2–1 над Интер. Де Паул сезоната ја завршил со девет гола и девет асистенции во Серија А. Неговите настапи му донеле повик во аргентинската репрезентација, за која настапил за првпат во октомври 2018 година.
На 15 октомври 2019 година, Де Паул потпишал нов петгодишен договор со Удинезе, со важност до 30 јуни 2024 година. Во сезоната 2019–20, Де Паул продолжил да биде еден од клучните играчи на Удинезе. На 12 јануари 2020 година тој постигнал гол во победата од 3–0 над Сасуоло, а на 2 февруари постигнал гол и забележал асистенција во победата од 2–1 над Интер. Сезоната ја завршил со седум гола и шест асистенции во Серија А, со што повторно бил меѓу најпродуктивните играчи на тимот.
По заминувањето на Кевин Лазања, Де Паул ја презел капитенската лента на Удинезе под водство на Лука Готи. На 6 декември 2020 година, тој го забележал својот 150. настап во Серија А за клубот. На 17 април 2021 година, Де Паул постигнал два гола во победата од 2–1 над Кротоне, со што му донел важни три бода на Удинезе во борбата за опстанок. Осум дена подоцна, тој забележал две асистенции во победата од 4–2 над Беневенто. Истиот месец, Де Паул бил прогласен за најдобар играч на Удинезе за 2020 година од страна на Здружението на навивачите на Удинезе. Де Паул бил најдобар стрелец на Удинезе во Серија А во сезоната 2020–21, а првенството го завршил со девет гола и девет асистенции во 36 настапи.
Атлетико Мадрид
На 12 јули 2021 година, Де Паул потпишал петгодишен договор со Атлетико Мадрид, откако претходно со Аргентина ја освоил Копа Америка. Тој дебитирал на 15 август против Селта Виго во првото коло од Ла Лига. На 22 август, Де Паул забележал асистенција за Анхел Кореја во победата од 1–0 над Елче, а првиот гол за клубот го постигнал на 7 декември во победата од 3–1 на гостувањето кај Порто во Лигата на шампионите. На 22 мај 2022 година, тој постигнал гол во победата од 2–1 над Реал Сосиедад во последното коло од Ла Лига. Де Паул ја завршил сезоната со 48 настапи и четири гола во сите натпреварувања, а Атлетико завршил на третото место во Ла Лига и стигнал до четвртфиналето од Лигата на шампионите.
Де Паул постигнал гол во победата од 4–1 над Селта Виго на 10 септември 2022 година. На 26 октомври, тој бил стрелец во ремито од 2–2 против Бајер Леверкузен во Лигата на шампионите. На 26 април 2023 година, Де Паул постигнал гол во победата од 3–1 над Мајорка. Сезоната 2022–23 ја завршил со 38 настапи, три гола и осум асистенции во сите натпреварувања.
На 3 декември 2023 година, Де Паул го забележал својот 100. настап за Атлетико во натпреварот против Барселона. Во сезоната 2023–24, еден од неговите најзначајни моменти дошол во Лигата на шампионите, на 10 април 2024 година, кога го постигнал првиот гол во победата од 2–1 над Борусија Дортмунд во четвртфиналето. Де Паул ја искористил грешката во одбраната на гостите и постигнал гол уште во четвртата минута. Атлетико, сепак, бил елиминиран во реваншот во Дортмунд, по поразот од 4–2, со што го завршил настапот во четвртфиналето.
Во сезоната 2024–25, Де Паул продолжил да биде редовен стартер во составот на Диего Симеоне. На 30 ноември 2024 година, тој постигнал гол во убедливата победа од 5–0 на гостувањето кај Ваљадолид, зголемувајќи го водството на Атлетико на 3–0. На 8 декември повторно бил стрелец, овојпат во драматичната победа од 4–3 над Севиља, постигнувајќи го првиот гол на натпреварот во десеттата минута. На 21 декември, Де Паул постигнал уште еден гол во победата од 2–1 на гостувањето кај Барселона, израмнувајќи го резултатот во 59. минута од натпреварот, пред Александер Серлот да го постигне победничкиот гол во судиското продолжение. Де Паул ја завршил сезоната со 53 настапи, три гола и девет асистенции во сите натпреварувања.
Интер Мајами На 25 јули 2025 година, Де Паул му се приклучил на клубот од МЛС, Интер Мајами, на позајмица од Атлетико Мадрид до крајот на 2025 година, со опција трансферот да стане постојан до 2029 година. На 6 август 2025 година, тој го постигнал својот прв гол во победата од 3–1 над Пумас УНАМ во Купот на лигите, израмнувајќи го резултатот непосредно пред полувремето. На 6 декември 2025 година, Де Паул го постигнал водечкиот гол во финалето на МЛС Купот против Ванкувер Вајткапс, во победата од 3–1. Во 71. минута, Лионел Меси му асистирал со одлично додавање во простор, по што Де Паул го совладал голманот за водство на Интер Мајами. Со победата, клубот ја освоил својата прва титула во МЛС Купот.
На 18 декември 2025 година, Де Паул и официјално станал играч на Интер Мајами, откако клубот го откупил неговиот договор од Атлетико Мадрид и потпишал со него до 2029 година.
Репрезентативна кариера
Де Паул го одиграл својот прв натпревар за сениорската репрезентација на Аргентина во победата од 4–0 против Ирак на 11 октомври 2018 година. Тој станал стандарден репрезентативец под водство на селекторот Лионел Скалони; бил дел од составот на Аргентина кој освоил трето место на Копа Америка 2019.
На 3 јули 2021 година, Де Паул го постигнал својот прв репрезентативен гол во победата од 3–0 над Еквадор во четвртфиналето на Копа Америка 2021. Во финалето на турнирот против домаќинот Бразил, долгиот пас на Де Паул му овозможил на Анхел Ди Марија да го постигне единствениот гол на натпреварот, со што Аргентина ја освоила својата 15-та титула на Копа Америка, прекинувајќи ја 28-годишната низа без титула на големо сениорско натпреварување.
На 10 октомври 2021 година, Де Паул постигнал гол во рамките на квалификациите за Светското првенство 2022, во победата од 3–0 над Уругвај.
На Светското првенство во 2022 година во Катар, тој бил еден од стандардните играчи во средниот ред на Аргентина и настапил на сите седум натпревари на турнирот, вклучувајќи го и финалето против Франција. Во финалето, Де Паул бил во почетниот состав и играл до 102. минута од натпреварот, а Аргентина по 3–3 во регуларниот дел и продолженијата победила со 4–2 на пенали и ја освоила својата трета светска титула.
Две години подоцна, Де Паул бил дел од составот на Аргентина кој ја освоил Копа Америка 2024. Тој настапил на сите шест натпревари на Аргентина на турнирот, вклучувајќи го и финалето против Колумбија, одиграно на 14 јули 2024 година, во кое тој бил дел во почетниот состав сè до 97. минута од натпреварот, а Аргентина победила со 1–0 по продолженијата со голот на Лаутаро Мартинес, со што ја одбранила титулата од 2021 година.
На 28 мај 2026 година, Де Паул бил именуван во составот од 26 играчи на Аргентина за Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Родени во 1994 година Категорија:Живи луѓе Категорија:Аргентински фудбалери Категорија:Фудбалери освојувачи на Светско првенство Категорија:Фудбалери од Ла Лига Категорија:Фудбалери во Серија А Категорија:Фудбалери на ФК Валенсија Категорија:Фудбалери на ФК Удинезе Категорија:Фудбалери на ФК Атлетико Мадрид Категорија:Фудбалери на Светско првенство 2026