Алексиј III Ангел (грчки: Αλέξιος Γ' Άγγελος, о. 1153 - 1211) — византиски цар од династијата Ангели кој владеел од 1195 до 1203 година. Член на проширеното царско семејство, Алексиј дошол на престолот по соборувањето на неговиот брат во 1195 г. Најзначајниот настан од неговото владеење бил нападот на крстоносците врз Цариград во 1203 г., во име на Алексиј IV Ангел. Алексиј III ја презел одбраната на градот, кој лошо ја предводел, и потоа избегал од градот во ноќта со една од неговите три ќерки. Од Едрене, и потоа Мосинопол, тој неуспешно се обидел да ги собере неговите приврзаници, при што само завршил како заробеник на маркизот Бонифациј Монфератски. Тој бил даден на откуп, пратен во Мала Азија каде водел заговор против неговиот зет Теодор Ласкарис, но тој на крајот бил уапсен и ги поминал неговите последни денови затворен во манастирот Хијакинтос во Никеја, каде починал.

Доаѓање на власт Сметајќи на унгарската поддршка Исак II на чело на силна војска тргнал во нов поход против Бугарите, но на 8 април 1195 г. неговиот постар брат Алексиј III го симнал од престолот и наредил да го ослепат.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 490.

Владеење Општи одлики Алексиј III бил типичен производ на ова време на опаѓање. Крајното властољубие се споило во него со кукавичката слабост. Како да сакал да ги карикира големите владетели од династијата Комнини овој суетен слабак се нарекувал Комнин, зошти името Ангел не му се чинело доволно отмено. Византиското царство, коешто во времето на Исак II, иако слабо и нездраво, донекаде ги одржувало своите позиции, сега ја загубило последната отпорна моќ. Од година на година се појасно се манифестирало неговото внатрешно опаѓање, а и во надворешната политика, пресвртот од 1195 г. имал далекусежни последици.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 491.

Односите со Србија Особени последици имала промената на византискиот престол за односите на Византија и Србите. Фактот што тестот на Стефан Неманиќ станал цар, секако влијаел на промената на владата во Србија, каде што наскоро после тоа власта ја презел царевиот зет, севастократорот Стефан. На 25 март 1196 г. Немања се откажал од престолот во полза на Стефан и како калуѓер се повлекол во Студеница, а потоа му се придружил на својот најмлад син Сава на Света Гора.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 491-492.

Можело да се очекува дека Стефановата влада ќе отвори нова ера на византиското влијание во Србија. Но до тоа не дошло бидејќи слабата византиска влада не умеела да ја искористи поволната ситуација. Одлучувачкото во Рашка, како и во Босна, веќе во наредните години добила моќната римска курија и нејзиниот експонент Унгарија. Вукан, најстариот син на Немања, којшто морал да се задоволи со Зета и поради тоа се чувствувал запоставен, се кренал против брата си потпирајќи се на унгарската и римската курија. Не верувајќи во помошта на Византија, Стефан исто така побарал спас во спогодбата со Рим. На Цариград толку малку сметал што дури ја испадил својата сопруга, Византијка. Меѓутоа, Вукан го надитрил. Со помош на Унгарите го симнал од престолот и ја презел власта откако ја признал надмоќта на папата и суверенитетот на Унгарија (1202 г.). Навистина, Стефан наскоро го повратил престолот но не со византиска туку со бугарска помош. Настаните во Србија посебно јано покажуваат колку нагло опаѓала византиската моќ. Во 1195 г. Византија сè уште можела да влијае на промените на српскиот престол, а неколку години подоцна таа конечно испаднала од играта, препуштајќи ја Србија на римско-унгарското влијание.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 492-493.

Борбите против Бугарите Борбата против Бугарите, Алексиј III се обидел да ја избегне со преговори, но до спогодба не дошло, бидејќи бугарските барања се чинеле прекумерни. Војната одново избила и за Византија имала неповолен пресврт. На двапати, во 1195 г. и во 1196 г. Бугарите ја опустошиле серската област, ја поразиле византиската војска и го заробиле нејзиниот заповедник, севастократорот Исак Комнин. Заслепена од своето славно минато, но слаба и неспособна, Византија не умеела ниту да се спогоди со непријателот, ниту со него да стапи во отворена борба. И преостанал уште еден пат: поддржувањето на опозицијата во непријателската земја. Во 1196 г. Асен паднал како жртва на заговор на болјарите. Меѓутоа, неговиот убиец, болјарот Иванко, не успеал да се одржи на власт, зошто помошта која ја очекувал од Византија не стигнала подари бунтот во византиската војска. Морал да бега во Цариград и местото да му го отстапи на Петар којшто влегол во Трново и зазел царскиот престол. Но не поминал ни една година откако и Петар бил убиен.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 493.

Иванко во Цариград бил дочекан со почести, бил поставен за намесник во Пловдив а потоа дури и за заповедник на царската војска во војната со Бугарија. Меѓутоа, итриот бугарски болјар, кому Алексиј III му ја доверил судбината на византиско-бугарската борба, наскоро се одметнал од Византија и завладеал во областа на Родопите. Распаѓањето на Царството продолжувало. Во Македонија, војводата Добромир Хрс уште од порано загосподарил со струмската област, а потоа го проширил своето подрачје сè до Вардар, зацврстувајќи се во тешко пристапниот Просек. Византија се обидела со него да се спогоди, дури му ја дала царевата ќерка за жена, но наскоро морала и против него да крене оружје. Потпирајќи се врз Бугарското Царство, Хрс ги започнал непријателствата, ги освоил Прилеп и Битола, а потоа продрел низ цела Грција, заедно со својот тест, византискиот проспатор Мануил Камиц, којшто привремено завладеал со Тесалија. Својот бивш пријател, Иванко, Византијците најпосле го фатиел на измама и после тоа неговата област и припаднала одново на Византија. Меѓутоа, долгите и променливи борби со Добромир Хрс завршиле со тоа што неговите територии му припаднале на царот Калојан и на тој начин голем дел од Македонија дошол под власта на Бугарија.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 493-494.

Во времето на Калојан (1197 г.-1207 г.) новото Бугарско Царство го доживеало својот бурен подем. Тоа станало еден од најважните чинители на Балканот и во повеќе ситуации пресудно влијаело врз развојот на целото околно подрачје. На своето царство, кое се афирмирало во борбата против Византија, Калојан му обезбедил правно признавање од Рим. Асеновото крунисување, коешто го извршил бугарскиот архиепископ во Трново, не давало доволна правна основа. Вистинско крунисување имале само два светски центра, Рим и Цариград, и полноважна била само круната испратена од Рим или Цариград. Не е чудно што Калојан му се обратил на Рим, а не на ослабената и непријателска Византија. Така, пред паѓањето на Цариград, не само Србија, туку и Бугарија потпаднала под влијанието на Рим. По долги преговори Калојан ја признал папината надмоќ. Главниот чин бил извршен дури по византискиот слом. На 7 ноември 1204 г. легатот на папата Инокентиј III го поставил бугарскиот архиепископ Василиј за примас на Бугарија, а утредента го крунисал Калојан со кралска круна.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 494.

Ситуацијата со Светото Римско Царство и папата Византија трпела сè поголеми неуспеси на Балканот затоа што била изложена на се посилен притисок од Запад. Најтешки грижи и задавале со години освојувачките стрежеми на германскиот цар Хенрик VI. Оженет со сицилијанската престолонаследничка Констанца, Хенрик VI по смртта на Барбароса го наследил и него и норманскиот крал Вилхелм II (умрел во 1189 г.). Отпорот на Сицилија којшто се концентрирал околу Вилхелмовиот внук Танкред, со поддршка на римската курија и на Византија, се распаднал по смртта на Танкред и на Рождество Христово (Коледа) 1194 г. Хенрик ја примил во Палермо сицилијанската кралска круна. Спојувањето на Сицилија со германското царство им дало силен потстрек на Хенриковите стремежи за светско владеење, а Византија, неговата главна цел, ја ставило пред најголемата опасност. Како наследник на Вилхелм II, Хенрик барал Византија да му ја отстапи целата област од Драч до Солун, којашто Норманите ја освоиле и потоа повторно ја загубиле во 1185 г., да му плати голем данок и да учествува со својата флота во престојната крстоносна војна.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 494-495.

Со промената на византискиот престол во 1195 г. ситуацијата уште повеќе се заострила. Оженувајќи го својот брат Филип со ќерката на Исак II, Ирина, Хенрик VI ги истакнал династичките претензии на цариградскиот престол и истапил против узурпаторот Алексиј III како Исаков одмаздник и покровител на семејството на неправично симнатиот и ослепен цар. Заплашената византиска влада правела најголеми напори да го задоволи германскиот цар и се обврзала на огромен годишен данок од шеснаесет центенарии злато. Во сите провинции на Византиското царство бил вовен особениот "аламански данок". Меѓутоа, и покрај крајните напрегања на и без тоа преоптоварената земја, договорената сума не можела да биде собрана. Византиската влада се решила да го собере и накитот од царските гробови во црквата на св. Апостоли само за да му одоброволи на својот надмоќен противник. Всушност, единствено на интервенцијата на папата, требало Византија да и заблагодари што Хенрик VI воопшто се впуштал во преговори и што засега се задоволувал со уценување и понижување на својот немоќен непријател, зошто папата инсистирал германскиот цар, наместо освојувачка војна против Византија, да преземе крстоносен поход против неверниците во Светата земја. Остварувањето на германските стремежи за светско владеење, коешто на Византија и се заканувало со уништување, неминовно би ја довело римската црква во подредена положба спрема германскиот цар, и затоа папата се заземал за шизматичкото Византиско царство. Се работело, сепак, само за одлагање. Византија била од сите страни приклештена: кипарскиот крал Амалрих и малоерменскиот крал Лав го признале германскиот цар за свој суверен. Но пред да дојде до кобниот удар, Хенрик VI, во септември 1197 г., ненајдено умрел.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 495-496.

Ослободувањето од аламанскиот данок во Византија предизвикало бура од радост, а кутриот цар Алексиј, кој до неодамна на германскиот цар му плаќал данок симнувајќи го накитот од гробовите на своите претходници, сметал дека дошол мигот од своја страна да ги истакне претензиите за светско владеење и по примерот на великите Комнини да му помуди на папата сојуз меѓу единствената христијанска црква и единственото христијанско царство. Меѓутоа, нападот на Запад над ослабената Византија со смртта на Хенрик бил само одложен. Смртоносниот удар дошол од друга страна и тоа веќе по неколку години.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 496.

Западната империја се распаднала непосредно по Хенриковата смрт. Италија се ослободила германската власт, а во Германија дошло до борби меѓу Хенриковиот брат Филип Швапски и Отон Брауншвајски. Превласта на германскиот цар ја заменила превласта на големиот папа Инокентиј III и со самото тоа во прв план избила идејата за нова крстоносна војна. На папата не му било важно Византија да биде освоена со оружена сила, туку таа да му се потчини на Рим по пат на унија и заедно со западните христијани да учествува во крстоносната војна.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 496-497.

Четвртата крстоносна војна