Михаил VIII Палеолог (грчки: Μιχαὴλ Η΄ Παλαιολόγος, 1223 - декември 1205) бил никејски и византиски цар од династијата Палеолози, кој владеел од 1259 до 1282 година. Михаил VIII бил основач на неговата династија која го владеела Источното Римско Царство сè до падот на Цариград во 1453 година. Тој го повратил Цариград од Латинското Царство во 1261 година и го претворил Никејското Царство во обновеното Источно Римско Царство.

Потекло и претходен живот Михал Палеолог припаѓал на многу угледно благородничко семејство, меѓу своите предци имал членови на старите царски династии и бил оженет со роднината на Јован Ватац, Теодора. Како истакнат војсководец, тој бил омилен во војската и особено ги уживал симпатиите на наемничките латински трупи. Михаил умеел да ги придобие луѓето за себе и имал приврзаници во сите кругови, па и кај влијателниот клер. На тој начин тој бил поставен за голем дукс со титула на деспот.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 539.

Преземање на регентството и царската власт Кога Теодор, во август 1258 година, во триесет и седмата година од животот, ѝ се предал на својата тешка болест, царската круна му припаднала на неговиот седумгодишен син Јован IV. За регент Теодор го одредил својот пријател Георгиј Музалон, не обрнувајќи внимание на омразата која што кон него ја имало византиското благородништво. Оваа омраза не можела да ја заузда заклетвата која византиските болјари, со Михаил Палеолог на чело, му ја положиле на царот, а потоа и на самиот Музалон. При поменот, деветтиот ден по смртта на царот, Георгиј Музалон и неговиот брат во самата црква биле нападнати и убиени. Регентството му било доверено на Михаил Палеолог, најистакнатиот претставник на византиската аристократија. Потоа во декември 1258 г. или во јануари 1259 г. бил прогласен за совладетел со младиот Јован IV Ласкарис и крунисан со царска круна.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 539-540.

Владеење Сојузот против Никеја Молскавичното издигнување на Михаил VIII Палеолог се објаснува не само со неговата ретка умешност туку и со новите надворешно-политички заплети кои барале брзо средување на приликите и создавање моќна власт во Никеја. За разлика од Фридрих II, неговиот син, сицилијанскиот крал Манфред, бил непријател на Никејското Царство. Наглиот пораст на моќта на ромејската држава, која од средината на векот со големи чекори се приближувала кон реставрација, го вратил Манфред на линијата на антивизантиската политика на Хенрик VI и на норманските кралеви на Сицилија. Веќе во 1258 г. тој го зазел Крф и најважните градови на епирскиот брег. На никејскиот цар му го одзел неодамна освоениот Драч, а на епирскиот деспот - Валона и Бутринто. Бидејќи Манфред се оженил со ќерката на деспотот Михаил II, тој формално му ги отстапил окупираните градови како мираз и со него склучил сојуз против Никејското Царство. На овој сојуз му се приклучил и ахајскиот кнез Вилием II Вилардуен, којшто, исто така, станал зет на епирскиот деспот. Ахајскиот кнез бил најмоќниот владетел во франкска Грција. Соседното Атинско Војводство и Евбеја го признавале неговиот суверенитет. На тој начин се создала силна коалиција којашто се заканувала во последниот момент да ја спречи реставрацијата на Византиското царство. Сепаратистичките сили на соперничките ромејски држави во Епир и латинските сили во Грција се обединиле со сицилијанскиот крал против Никеја. На страната на тројниот сојуз застанал и српскиот крал Урош I. Неговата војска во 1258 г. ги зазела Скопје, Прилеп и Кичево.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 540-541.

Војната против тројниот сојуз била првата голема задача во политичката кариера на Михаил Палеолог. Оваа задача тој блескаво ја извршил совладувајќи го бројно надмоќниот непријател. Неговиот брат, севастократорот Јован Палеолог, против коалицијата повел засилена војска со моќни кумански и селџучки контингенти. Во есента 1259 г. во пелагониската рамница дошло до одлучувачката битка во која Византијците катастрофално ја поразиле шарената војска на сојузниците. Четиристотините коњаници што ги испратил кралот Манфред, останале на бојното поле, а и самиот Вилием Вилардуен паднал во заробеништво. Најтешко страдал Епирскиот деспотат. Царската војска навлегла во Епир и го зазела градот Арта. Само благодарение на новата помош од Сицилија, Епир можел овој удар уште еднаш да се закрепне. И Србите ги напуштиле градовите што ги зазеле пред една година.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 541-542.

Односот со италијанските градови-држави Сега веќе немало ниту една сила на копно што би можела да ја спречи реставрацијата на Византиското царство. Сериозни пречки единствено можеле да се очекуваат од Венецијанската Република, вистинскиот творец на Латинското Царство во Цариград и главниот корисник на ситуацијата што настанала по 1204 г. За да се обезбеди и од таа страна, Михаил VIII стапил во допир со Џеновјаните, соперниците на Венецијанците. На 13 март 1261 г. во Нимфеја бил склучен познатиот договор, којшто ја засновал моќта на Џенова на Исток, како што договорот од 1282 г. ги поставил темелите на венецијанската моќ. Џенова се обврзала да му даде воена помош на царот против Венецијанците и за тоа добила многу широки привилегии, била ослободена од сите царини и давачки на територијата на Царството и требало да добие пристап во сите поважни византиски пристаништа, а по реставрацијата и во самиот Цариград. Со еден збор, Џенова си ја обезбедила трговската надмоќ на Исток што од крајот на XI век ја уживала Венецијанската Република. Всушност, Византија станала заробеник на двете италијански републики кои сè повеќе ја потиснувале нејзината поморска моќ и трговија.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 542.

Освојувањето на Цариград

Големиот настан којшто најопфатно бил подготвуван и војнички и дипломатски, дошол речиси случајно. Во летото 1261 г. царскиот војсководец Алексиј Стратигопул бил испратен со мала војска на бугарската граница. При преминот на Тракија тој дознал дека Цариград бил оставен речиси без заштита. Уште траело примирјето, склучено во август 1260 г., а венецијанската флота со поголем дел од латинската тргнала во една експедиција на Црно Море. Без долго премислување, Стратигопул го нападнал незаштитениот град и во зората на 25 јули 1261 г. продрел во него речиси без борба. Царот Балдуин II за да се спаси, се вдал во бегство. Латинското Царство во Цариград престанало да постои.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 542-543.

На 15 август царот Михаил VIII свечено влегол во градот на Константин Велики. Во времето на латинското владеење Цариград загубил многу од својот некогашен блесок и богатство. По варварскиот грабеж од 1204 г. почнало систематското одвлекување на византиското богатство. Наоѓајќи се во голема сиромаштија, постојано загрозувана од надвор, латинската влада извезувала скапоцени предмети во западните земји за да ја обезбеди благонаклонетоста на западните сили. Црквите го загубиле својот украс, своите реликвии и икони. Влахернскиот дворец бил запуштен. Но, сега големо било одушевувањето на Цариграѓаните. Дочекот на царот во ослободениот град се претворил во голем народен и верски празник. Народот и свештенството му излегле во пресрет, носејќи ја иконата на Богородица Ходигитрија, која се сметала за дело на евангелистот Лука. Пеш, „повеќе како христијанин отколку како цар“, Михаил VIII тргнал во свечената поворка во Студитскиот манастир, а потоа следен со одушевено скандирање на народот влегол во Света Софија. Тука, во најголемиот и најславен византиски храм, во кого биле крунисани старите византиски цареви, патријархот во септември истата година го крунисал Михаил VIII и неговата сопруга Теодора со старата царска круна. Андроник, тригодишниот син на царот, како престолонаследник, бил прогласен за василевс.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 543-544.

Легитимниот цар Јован IV Ласкарис во сите тие свечености немал никаков удел, а нешто подоцна на несреќното момче му ги ископале очите. Како што Андроник Комнин го отстранил од патот синот на Мануил, така сега Михаил Палеолог го отстранил последниот потомок на Ласкарис, кршејќи ги сите свечени заклетви и сите ветувања. Но, додека Андроник и самиот доживеал ужасен крај, вештиот Палеолог успеал да заснова моќно владеење и да го постави темелот на династијата којашто со Византија ќе владее сè до нејзиниот последен час.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 544.

Општата ситуација по обновувањето на Царството мини|383x383пкс|Византија во 1261 година Превласта на југоисток Византијците ја здобиле уште во времето на Јован Ватац, но по заземањето на Цариград, Византија одново станала голема сила во вистинска смисла, иако, се разбира, враќањето на Цариград било само последица на политичките и воени успеси во претходните децении. Пленот на Византијците им паднал како зрела круша. Сепак, со повторното освојување на престолнината на Босфорот положбата на Царството во светот се изменила од темел. Византија, пак, силно влијаела врз светската политика и претставувала еден од фокусите на политичките збиднувања на Средоземјето.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 544-545.

Меѓутоа, воспоставувањето на позиција на голема сила со себе донело и многу тешкотии и опасности. Одржувањето на оваа позиција барало и повеќе средства и сили отколку што Византија тогаш имала. Расходите се зголемувале, била потребна поголема војска и поголема флота. Обновувањето на разурнатата и запуштена престолнина барало огромни трошоци и како голем товар паѓало врз провинциите на Царството. Меѓутоа, веќе кон крајот на XII век се покажало дека Византија не била во состојба да се одржи како голема сила. Потиснати во Мала Азија, Византијците создале нова држава, поцврста и постабилна отколку старото Византиско царство. Но, оваа провинциска држава во нивните очи имала само минлива вредност и им служела само како средство за реставрација на старото Царство. Така, во јуначките борби, со најголеми напори и жртви, била воспоставена позицијата којашто еднаш веќе се покажала како неодржлива.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 545.

Периодот на латинското владеење оставил длабоки траги. Во организмот на државата останале рани коишто обновата на нејзиниот центар не можела да ги излечи. Реокупираниот Цариград доликувал на голема глава на изнемоштено и од секаде начнато тело. Во византиските води господареле италијанските републики, нивните колонии биле расфрлени по целото Царство, ним им припаѓале и повеќето острови во источниот дел на Средоземното Море. Грција, исто така останала под власта на Латините, а и Епирскиот деспотат, иако бил под ромејска власт, заедно со Тесалија го избегнал обединувањето и упорно го задржувал непријателскиот став спрема Византиското царство. Значителен дел Полуостровот држеле Бугарите и Србите проширувајќи се на сметка на Византија. Навистина, ниедна од овие сили не била во состојба да преземе поголема акција против Византија, но сите тие биле подготвени да му се придружат на секој антивизантиски потфат којшто би дошол од Запад. Обновеното Византиско царство на Запад имало многу непријатели и секој час можело да се очекува напад. Сојузот на антивизантиските сили на Запад и на Балканот би го довел во прашање и самиот опстанок на Византиското царство. Оваа опасност можела да се изебегне само со вешто дипломатско маневрирање. За среќа, вештината на маневрирање на Михаил била ненадминлива.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 545-546.

Кралство Сицилија