Савуанско Море () — помало море на територијата на Индонезија наречено по островот Саву кој лежи на неговата јужна граница. На југ се граничи со Саву и Рај Џуа, на исток со островите Роти и Тимор (поделен на Источен Тимор и Индонезија), на север и северозапад со Флорес и Алорскиот Архипелаг, а на запад и северозапад со островот Сумба. Помеѓу овие острови на југ и запад морето преоѓа во Индискиот Океан, на север во Флореското Море, а на североисток во Бандското Море.

Достигнува длабочина до 3.500 м, а се протега 600 км од запад кон исток, и 200 км од север кон југ. Најголем град на неговите брегови е Купанг (450.000 жит.), главен град на покраината Источни Мали Сундски Острови сместен на островот Тимор.

Опфат Според Меѓународната хидрографска организација, Савуанското Море е една од водните површини на Источноиндискиот Архипелаг, со следниве граници: На север. По јужната граница на Флореското Море [северниот брег на Флорес, Комодо, Банта и линија до ’ртот Нару, североисточниопт крај на Сумбава, а оттаму по северниот брег до ’ртот Сарокџаја ()] и Бандското Море [125° ИГД ... [на] Алор, а оттаму околу источниот крај, па долж северниот брег на островите Алор, Пантар, Лембата и Адонара, па од спротива до северниот крај на Флорескиот Проток до ’ртот Сербете на источниот крај на Флорес]. На исток. По меридијанот 125° ИГД меѓу Алор и Тимор. На југ. По линија од југозападниот крај на Тимор до североисточниот крај на Роти, преку овој остров до неговиот југозападен завршеток, а оттаму по линија до Пулу Дана () и до ’ртот Нгунџу, јужниот крај на Сумба и низ овој остров до ’ртот Каросо, неговиот западен завршеток. На запад. Линија од ’ртот Каросо (Сумба) до Торо Доро () на јужниот брег на Сумбава.

Наводи

Категорија:Мориња во Индонезија Категорија:Источни Мали Сундски Острови Категорија:Географија на Источен Тимор