Трпчева Црква — археолошко наоѓалиште во прилепското село Дуње. Претставува населба, црква и некропола од средниот век.
Местоположба
Наоѓалиштето се наоѓа на просторот помеѓу селата Кален и Дуње, односно 2 километри југоисточно од селото Кален или 2 километри југозападно од селото Дуње, а на околу 300 метри лево од современиот пат Прилеп-Витолиште.
Опис
На поголема површина се гледаат остатоци од разурнати градби меѓу кои централното место го зафаќа мал сакрален објект, со полукружна апсида и ѕидови од кршен камен и варов малтер, зачувани до еден метар висина.
Во непосредната близина на овој објект, на површина од околу 300-500 метри се гледаат остатоци од други градби.
Околу објектот има некропола од која се истражени 40 гробни целости. Пронајдено е дека се работи за едно слојна некропола на редови чии гробови се издлабени во ронлива карпа, а конструкциите им се изведени со делумно или целосно оградување од внатрешната страна на длабнатината, а има и гробови без оградувања. Гробниот инвентар е богат и главно се состои од предмети за украсување кои укажуваат дека почетоците на погребувањето се на крајот на IX и на почетокот на X век, а некрополата била употребувана и преку целиот XI век.
Ритуали
Имало пронајдени остатоци на животински коски кои биле поврзани со ритуалните гозби за време на погребот, а со остатоците на коски внатре во гробовите се потврдило обичајот да се остави дел од храната за покојникот. Друг обичај забележан во некрополот е попатина, односно со скелетот има ќерамички садови со храна и течности за да „се олесни патот кон задгробниот живот“ што е често сретнато во пагански религии и словенски некрополи, истовремено се забележани и жртвени јами со животински коски кои се исто често сретнати во словенски некрополи како во Русија, Бугарија, Романија и Молдавија.
Историја
Била пронајдена во 1982 година кога имало археолошко рекогносцирање во Мариово и била пронајдена сакрална градба со ѕидови од кршен камен, а подоцна била пронајдена и некропола.Трпчева Црква средновековна некропола, Лилјана Кепеска, Прилеп 2008
Истражувања
Било приметено дека во оваа црква се палеле свеќи, што ги поттикнало мештаните што ја пронашле црквата да се потрудат да ја обноват. Тие во текот на 1985-1986 година ја изградиле малата црквичка „Св. Петар и Павле“ од камен и кал на темелите на останатата базилика, при што оштетиле 3 гробни конструкции во кои биле најдени гробни наоди, а ова биле и првите податоци за постоењето на некропола во околината и во самата пронајдена црква.
За да се спречи повторно ненамерно уништување на некрополата во 1991 година во организација на Заводот и музеј од Прилеп е почнато археолошкото истражување на некрополата и самата базилика. Тоа се извршило во текот на 6 кампањи, од 1991 до 2000 година.
Најголемиот број на гробовите имаат насоченост на гробот запад-исток со помали отстапувања кај некои од гробовите, исто е забележано и групирање на гробовите според семејна припадност и сталеж. Додека повеќето од гробовите биле посветени на еден поединец има и гробови кои имале повеќе од еден скелет. Според антрополошката анализа на сите скелети, одредено е дека просечната висина на мажите била 1,71 метар и речиси сите имале робустна градба, а кај жените 1,62 метри кои пак имале умерена градба, две третини од популацијата се возрасни додека една третина се деца од различна возраст. Истражувачите приметиле дека кај повеќето од повозрасните поединци има дегеративни промени како: артритис, остеопороза спондилоз и други, а исто и дека повеќето од скелетите имале скршени коски кои биле преживеани што би укажало дека популацијата имале добри начини да лекуваат скршеници, еден од поретките пронајдоци било скелетот на жена и нејзиното неродено бебе.
Археолошки артефакти
Во некрополот се пронајдени алки, обетки, белегзии, ѓердани, прстени, крстови, ќерамика, монети, и друго. Голем дел од пронајдоците имале различни форми и биле изградени од разни видови на материјали.
Галерија
Поврзано Баево Трло — некропола од римското време; Грамаѓе - Голем Дол — населба од римското време; Дејчин Гроб — населба од доцноантичкото време; Малево Село - Лигураса — населба од римското време; Прчинога — населба од неолитското и доцноантичкото време; Големиот Рид — населба и некропола од античкото време; Милошева Тумба — населба од железното време; Радорид — тумули од железното време; и Шкретови Плочи — населба од античкото време. Дуње; и Список на археолошки наоѓалишта во Прилепско.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Дуње