Софија Грандаковска (1973) — македонски историчар, поет и автор во областите на компаративните книжевни студии и интердисциплинарните студии на холокаустот, еврејската историја, книжевност и култура, со специјализација во доменот на еврејската и холокаустна историја на Балканот. Друга област на нејзин научен интерес се Византиски студии. Грандаковска има објавено бројни научни студии во областите на книжевната и визуелната семиотика, книжевната теорија, критика и интерпретација и уметноста.
Кариера
Образование и работно искуство Софија Грандаковска дипломирала (1999), магистрирала (2007) и докторира (2009) (научна насока) на Катедрата за општа и компаративна книжевност, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзините дипломски, магистерски и докторски трудови се од областите на книжевната и визуелната семиотика.
Во нејзиниот дипломски труд „Интермедијалните аспекти на иконата (теологија, семиотика, апстрактна уметност)“ (1999), преку примена на семиотичкиот модел на компаративното проучување на книжевноста и визуелната уметност (средновековната икона и апстрактното сликарство), Грандаковска го истражувала прашањето „Дали зборот и претходи на сликата, или сликата му претходи нему?“ Подоцна, тезата од овој труд е развиена и објавена во нејзината академска книга „Портретот на сликата“ (2010).
Во 2006 година, Грандаковска ја добила наградата „Најдобар млад научник на годината: Вита Поп-Јорданова“ од Македонската академија на науките и уметностите за нејзината исклучителна академска работа и меѓународно објавените научни трудови во областа на компаративните книжевни студии.
Нејзината магистерска дисертација, одбранета во 2007 (објавена под наслов „Говорот на молитвата“ во 2008 година), била насочена на дефинирање на дискурсот на молитвата во меѓудисциплинарен домен, од нејзините архаични манифестации до нејзината книжевна феноменологија во еврејската, хеленската, источноримската и старословенската книжевна традиција и семиотика на антропологија.
Во 2007 година, Грандаковска била номинирана од Одделението за книжевност и литературна наука при Македонската академија на науките и уметностите за научно истражување во Српската академија на науките и уметностите, во Белград. Како докторанд при Византолошкиот институт и Балканололошкиот институт при САНУ, таа истражувала на тема: „Историските перспективи меѓу старозаветната поезија и византиската книжевност“, што подоцна ја развива и разработува во нејзината докторска дисертација „Богородичниот акатист во контекст на византиската химнографија“ (2009), подоцна објавена во книгата „Неседалната химна низ слово и фреска“ (2017).
Пролетта 2009 година, Грандаковска искористила номинација за престој во културниот центар Ејпексарт (Apexart) во Њујорк, како резултат на нејзините научни и книжевни достигнувања во Македонија. Подоцна, истата година, таа се стекнала со звање асистент професор во областа на културната теорија на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ (Скопје), каде предавала од 2009-2013 година. Во 2014 година, Грандаковска се стекнал со научно звање виш научен соработник/вонреден професор при Институтот за национална историја, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во 2013-2014 година, д-р Грандаковска работела како последокторски истражувач на Меѓународниот институт за холокаустно истражување „Јад Вашем“. Нејзината истражувачка тема: „Холокаустот во Македонија: Депортацијата на Евреите од Македонија“ се занимавала со прашањето за непризнаениот граѓански статус и третманот како небугарски граѓани на Евреите на територијата на вардарскиот дел на Македонија, окупирана, администрирана и анексирана од Царството Бугарија, што во 1943 година довело до нивна депортација во Треблинка како res nullius.הרצאת צוות חוקרים - סופיה גרנדקובסקה, Annual Lecture by Dr. Sofija Grandakovska: "Deportation of Macedonian Jews", International Institute for Holocaust Research of Yad Vashem, Jerusalem, 16 јануари 2014
Во периодот 2016-2018, Грандаковска ја добила престижната последокторска стипендија „Саул Каган“ во напредни шоа студии, од страна на Конференција за еврејски материјални барања против Германија, за нејзинато истражување „Евреите од Македонија и холокаустот: раса, граѓански статус, депортација“. Ова меѓудисциплинарно и меѓуисториско научно истражување било насочено на прашањата за расата и нацијата во 20 век низ примерот на различните холокаустни искуства на македонските Евреи, вклучувајќи ги оние од Вардарска Македонија и оние кои живееле на територијата на Југославија. Како истражувач преку стипендијата „Саул Каган“, Грандаковска била афилирана на Факултетот за медиуми и комуникации (ФМК) при Универзитетот „Сингидунум“ во Белград.
Во 2018 година, Грандаковска остварила научен престој во Центарот за еврејска историја во градот Њујорк, каде работела на истражувачката тема „Поделени истории на Сефардите од Битола: Холокаустот и мигрирањето во Америка“. Основниот фокус на нејзиното истражување е насочен кон населувањето на таканаречените Монастирлии или Сефардите од градот Битола во отоманска Македонија, во Њујорк, Индианаполис и Рочестер, во три преселнички бранови во периодот меѓу 1900 и 1924 година. Грандаковска ја истражувала нивната установна (општествена, верска и професионална) интеграција во новиот американски амбиент како нова географска референца за оваа сефардска група, како и учеството на Монастирлиите во создавање нов културен наратив за историјата на преселбата во 20 век.
Од 2019 година, Грандаковска работела како професор на Колеџот за злосторничка правда „Џон Џеј“ при Градскиот универзитет во Њујорк, на Катедрата за антропологија. Таа предавала за теми кои ги истражуваат прашањата од „културата и злосторството“ манифестирани во насилен облик, со посебен нагласок на колонијализмот, војната и геноцидот во различни општества, територии и времиња.
Компаративна книжевност и културни студии
Софија Грандаковска е автор на неколку научни книги од областа на меѓудисциплинарните студии на книжевноста, уметноста и културата.
„Говорот на молитвата“ (2008) го проучува феноменот на молитвата во човечката историја, нејзиното потекло, предкнижевниот контекст и нејзиниот развој во различни цивилизации, како и начините на кои човекот го надминувал стравот и го барал доброто. Книгата понатаму ја изучува молитвата како книжевен жанр во хеленската, еврејската, византиската и старословенската книжевност.
„Портретот на сликата“ (2010) е збирка што обединува научно истражување во однос на дванаесет различни теми, поврзани со толкувањето на книжевни феномени и форми на уметничко и духовно изразување во средновековната и современата епоха. Одделните тематски истражувања претставуваат своевидни теоретски прозорци во однос на разбирањето на културното наследство на Република Македонија, обединувајќи неколку хуманистички научни дисциплини, меѓу кои археологија и нејзините субдисциплини, историја на уметност, уметничка критика, книжевни жанрови, културно-историски анализи и проучување на средновековната и современата духовна култура.
„Неседалната химна низ слово и фреска“ (2017) претставува повеќедисциплинарна студија посветена на етичките, естетските и поетските аспекти на византиската акатистна химна во нејзиното терминолошко разбирање, историскиот, книжевниот, литургискиот и визуелниот контекст. Истражувањето навлегува во книжевниот текст на акатистот, како и во преобразбата на химната во сликарството (како што е примерот на насликаниот циклус на акатистот во црквата „Св. Димитрија“ при Марков манастир, Маркова Сушица).
„Минијатури и максимали“ (2020) претставува збирка на книжевнонаучни и критички студии и есеи на низа теми, чиј контактен центар ја претставува улогата на книжевноста во современ општествен контекст. Петте поглавја од книгата се посветени на античката и источноримската поетика и визуелната уметност, холокаустот и еврејската историја и култура (претставени преку архивски документи за Сефардите во османлиска Македонија и сефардската книжевност), потоа, современите дискурси на војната, антропологијата и деконструкцијата на центрите на моќ, современата македонска книжевност, како и поместувањата во современата светска книжевност поттикнати од руската авангардна проза.
Еврејска и холокауст историја на Балканот
Софија Грандаковска е приредувач, автор на предговорот и соавтор на двојазичната хрестоматија „Евреите од Македонија и холокаустот: историја, теорија, култура“ [The Jews from Macedonia and the Holocaust: History, Theory, Culture] (2011). Појавата на оваа книга претставува значаен придонес во пополнувањето на празното место во контекст на недостатокот студии за судбината на Евреите од Вардарска Македонија во текот на Втората светска војна. Од 7.148 македонски Евреи кои биле депортирани во кампот за истребување Треблинка II, не преживеал ниту еден. Првата збирка документи за холокаустот во Македонија е објавена во 1986 година од Вера Весковиќ-Вангели и Жамила Колономос. Книгата на Грандаковска од 2011 година, претставува втор референтен репер на оваа тема. Хрестоматијата е структурирана како интердисциплинарен и интертекстуален корпус, покривајќи три значајни аспекти на дискусија во однос на холокаустот: историја, култура и теорија. Содржи 14 оригинални авторски текстови, како и архивски и фотографски материјал.
Грандаковска е автор на каталогот и сокуратор (заедно со Жанета Вангели, дизајнер на изложбата) на мултимедијалната изложба „Евреите од Македонија и холокаустот“ (Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2011 и Галерија на еврејска заедница, Белград, 2013), која претставува визуелна реплика на дискурзивното ниво на хрестоматијата. Документарниот филм „Евреите од Македонија и холокаустот“, базиран на истражувањето на Грандаковска и колекцијата архивски материјал, е реализиран од Жанета Вангели и продуциран од Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ (2011).
Д-р Грандаковска била предавач, програмски дизајнер и организатор на првата школа за холокауст во Република Македонија: “The Diverse Survival Strategies of Jewish and Roma Communities in Macedonia: From Resistance to Memorialization“(2011), на која учествувале истражувачи од европските земји и по која, следувале други бројни активности.
Во 2011–2012, Грандаковска соработува со Мајкл Беренбаум (Michael Berenbaum) и била ангажирана од страна на Berenbaum Group (Лос Анџелес, Калифорнија) како професионален консултант и истражувач за концептуалниот развој на проектот „Изложба во Меморијалниот центар на Евреите од Македонија.“
Грандаковска била консултант, истражувач и автор на сегментот од сценариото за депортацијата на Евреите од вардарска Македонија и реорганизацијата на еврејската заедница во Социјалистичка Република Македонија по Втората светска војна, за документарниот филм „Евреите од Македонија“, во режија на Дејан Димески, во продукција на Националната телевизија и Министерството за култура на Република Македонија (2016-2017).
Во 2018, Софија Грандаковска била главен истражувач за Република Македонија за European Holocaust Research Infrastructure (EHRI) и автор на студијата за идентификација на легални случаи за холокаустот, вклучително и големи судски постапки во Македонија. Друга област на нејзиното истражување на оваа тема е судбината на македонските Евреи кои, за време на Втората светска војна, живеат или престојуваат надвор од Македонија, на други територии окупирани од нацистите. Грандаковска за првпат идентификуваше имиња на околу 200 македонски Евреи убиени во раната фаза на холокаустот од страна на германскиот окупатор во Србија и нејзиниот соработник, квислиншката влада на Милан Недиќ и од усташите во нацистичкиот сателит Независна Држава Хрватска.Sofija Grandakovska. "Out of the Archives: Uncovering Victims of Genocide in Yugoslavia”. Newsletter, vol. 3, no. 1 spring (2020). New York: City University of New York, Department of Anthropology, pp. 18-20.
Поезија