За истоимената црква во Оризари, Скопје, погледнете Црква „Св. Атанасиј“ - Ѓорче Петров.
Свети Атанасиј (или Свети Атанасиј Велики) — главна селска црква во кочанското село Оризари, Македонија.
Црквата претставува парохиско седиште на Оризарската парохија.
Местоположба
Црквата се наоѓа во средиштето на денешното Оризари, на една издигнатина, покрај левата страна на Оризарска Река. Во минатото, црквата припаѓала на некогашното Долно Оризари.
Историја
Црквата е изградена некаде кон средината на XIX век и осветена на 24 април 1848 година. Истражувачот Јован Трифуноски ја наведува годината 1842 година како година кога била подигната. Претходно на истото место се наоѓала помала „изгорена црква“.
Подоцна е делумно разрушена од Османлиите и обновена во 1876 година.
Поради внатрешните обновувања и новиот фрескоживопис, црквата била преосветена од страна на митрополитот Иларион Брегалнички во август 2014 година. Во тој период, поплочен бил дворот. Бил обновен потпорниот ѕид и хортикултурно уреден бил дворот.
Архитектура
Во 2005 година, внатрешноста била обновена.
Фрескоживопис
Храмот не бил живописан, сѐ до 2013 година кога било направено фрескосликањето на страничниот дел од внатрешноста на црквата и тогаш била обновена и фасадата.
Иконостас и икони
Иконостасот е висок, со три реда икони, изграден веројатно во 1875-76 година. Во царскиот ред се поставени десет икони (од југ кон север): Свети Ѓорѓи, Архангел Михаил, Свети Јован Крстител, Исус Христос Седржител, Богородица Елеуса, Свети Атанасиј Александриски, Свети Димитрија, Свети Харалампиј и Свети Никола. На иконите нема потпис на иконописецот, но годината 1850 е напишана на иконите на Св. Харалампиј и Св. Никола. Се претпоставува дека се изработени од Димитар Зограф од Самоков заради стилските особености. Горните два реда икони и царските двери се дело на Никола Михајлов од Крушево. Негово дело е и големиот надиконостасен крст со распетието. Автор на иконите на северната и јужната врата на иконостасот е Исаија Фрчковски, кој ги изработил во 1875-76 година, при обновувањето на црквата.
Иконите се изработени во 1875 година од зографот Исаија Макриев Фрчковски од Галичник и непознати автори.
Од 55. икони колку што има во црквата, 17 се наоѓаат во Регистарот на икони кои имаат заштитен статус.
Галерија
Поврзано Кочанско архијерејско намесништво Оризарска парохија Оризари
Наводи
Надворешни врски
Оризари Категорија:Дела на Дебарската школа