Скијачкиот центар Јахорина (), официјално наречен Олимписки центар Јахорина, е планинско одморалиште и најголемо и најпопуларно одморалиште за зимски туризам во Босна и Херцеговина. Скијачкиот центар се наоѓа на падините на планината Јахорина во Динаридите. Се наоѓа на 15 км од општина Пале во ентитетот Република Српска и на 30 км од меѓународниот аеродром во Сараево. Во скијачкиот центар Јахорина се одржувале натпреварите во алпско скијање за време на Зимските олимписки игри 1984 година.

Историја Првите пишани документи за скијање на планината Јахорина се забележани кон крајот на 19 век за време на Австроунгарското владеење. Организираниот туризам на Јахорина започнал во 1923 година, кога бил основан скијачкиот центар. Помеѓу Првата и Втората светска војна, на Јахорина биле изградени ски скокалници и планинарски дом. Првиот југословенски скијачки митинг се одржал на Јахорина во 1937 година.

На скијачкиот центар Јахорина се одржале натпреварите во алпско скијање во женска конкуренција за време на Зимските олимписки игри 1984 година, кои се одржале од 8 до 19 февруари 1984 година во Сараево, СФР Југославија. Од 1984 година, скијачкиот центар Јахорина го носи официјалното име „Олимписки центар Јахорина“.

Скијачкиот центар Јахорина е најголемиот и најпопуларен ски центар во Босна и Херцеговина. Освен алпско скијање, сноубординг, планинарење и санкање, местото нуди можност и за други спортски активности на отворено. Нордиските скијачки патеки, патеките за крос-кантри и разните други спортски објекти нудат дополнителни можности за спортистите и туристите. Со поставувањето на рефлектори овозможено е и ноќно скијање на скијачката патека Пољице.  Во 2018 година, скијачкиот центар го посетиле 185.000 туристи, најголем број по 1980-тите.

Скијакиот центар Јахорина бил еден од местата каде што во февруари 2019 се одржал Европскиот младински олимписки зимски фестивал.

Галерија

Поврзано

Туризам во Босна и Херцеговина Зимски олимписки игри во 1984

Наводи

Надворешни врски Скијачки центар Јахорина на skiresort.info

Категорија:Динариди Категорија:Скијачки центри во Босна и Херцеговина Категорија:Координати на Википодатоците