Куќа на Данабаш, Поранешен објект на Народниот музеј — куќа на ул. „Широк Сокак“ бр. 91, архитектонско обележје во градот Битола, заведена како културно наследство на Македонија во Списокот на заштитени добра на Министерството за култура под реден број 11 во Битола.
Изградба Куќата ја изградило богатото семејство Данабаш (Данабаши, Данабаси) како нивно живеалиште. Изградбата на куќата завршила во 1911 година. Во првата половина од минатиот век се состоело од двајца браќа, Петар и Јанко, трговци, од кои едниот, Петар, основал семејство и имал три ќерки, вториот, Јанко, останал неженет и животот го завршил насилно при грабеж додека спиел.
Опис Куќата на Данабаш е еден од најубавите во битолското градежништво од пред Првата светска војна. Се состои од приземје и кат и два влеза, јужен и источен. Јужниот е главниот и раскошниот што остава и посебен впечаток, кој ги прифаќа посетителите што доаѓаат од „Широк Сокак“. Заради визбените простории, кои се целосно над земјата, влезот до приземјето води преку мермерни скали, со странична ограда изведена со украсни столпчиња и со поширок одмор над кој поздравуваат плафонски сликарски изведби. Внатрешното предворие води во 4 простории и кон скалите за првиот кат. Источниот влез е засебен и е само за првиот кат. Собите насекаде дишат со изобилен воздух и заради пространоста и заради високите тавани и се добива впечаток дека тука не се штедело пари, но и стручно умеење во изведбата. Нема да се згреши ако се констатира дека архитектот е надворешен, имајќи ги сознанијата дека Петар и јавно се декларирал за гркофил, дека направил обид да основа и грчка партија во Битола, уште повеќе дека го милувал и солунското градежно искуство.
Користење По Втората светска војна, куќата им била конфискувана. Извесен период се користела како Народен музеј.
Денес во објектот се сместени: Црногорскиот конзулат Хрватското културно друштво „Марко Марулиќ“ Битолскиот огранок на СПМ
Наводи
Категорија:Згради и градби во Битола