Девет Керубинови векови — роман на македонскиот писател Славко Јаневски,дел од циклусот Кукулино, издаден во 1986 година.

Содржина Романот „Девет Керубинови векови“ од Славко Јаневски претставува прв дел на циклусот Кукулино, иако напишан подоцна од другите. Ова е роман на еволуција на книжевниот материјал, каде се надоградува сложената слика на Македонија, но во исто време е и универзален простор каде се мешаат историјата и митот, реалноста и сонот.Славко Јаневски, Девет Керубинови векови, Македонска книга, Скопје, 1989 Јубилејно издание. Типолошки романот може да се одреди како фантастична хроника. Во него проекцијата на времето е дадена најнапред со утврдување на основните пресеци и воспоставување иницијални сижејни низови (првата целина- која е и пролог- скица на делото), за потоа нарацијата да мине во поширок систем во просторот на деветвековна хроника (втората целина-основа, срж на делото) па повторно да се врати на резимеа, коментари и објаснувања ( третата, четвртата и петтата целина- се модерен и во композициска смисла вешто конструиран епилог).Славко Јаневски, Девет Керубинови векови, Македонска книга, Скопје, 1989 Јубилејно издание, Поговор: Кон новиот облик на романот, д-р Христо Георгиевски

Почнувајќи од романот Тврдоглави, па до Девет Керубинови векови, Јаневски ја гради приказната на односот меѓу доброто и злото, живот-смрт, Македонија- вселена.

Прологот (Пристап кон третиот завет географија, историја) содржи 17 наративни единици, случувањата се одвиваат седум векови пред раѓањето на Керубин, кој според раскажувачот е нов Исус. Времето се одвива наназад. Митот дека златото (златна грутка во форма на човечка черупка) е зло, е основа на сижето во прологот. Раскажувањето е од времето меѓу првата и стотата година од новата ера. Во сите овие делови главен мотив е златото олицетворено како зло, како проклетство.

Во втората целина дејствието започнува седумстотини години по Христовото раѓање, со доаѓањето на Словените. Втората целина е насловена „Супстанца на коските“ (деветвековна хроника, каде се одделува приказната за Керубин и неговите потомци, ликот на Керубин е хиперболички претставен, а во магискиот кукулински простор, „чудата не се чуда“. Преку секој од деловите Век први до век деветти се градат ликови на кукулински херои и антихерои, за раскажувањето да заврши со проклетството на златото и таткоубиството, и на тој начин се затвора композицискиот круг. Со епилогот/ епилозите (Од матичната книга на родените, Прикаски на балканските кабалисти, Лавиринт), Јаневски ги појаснува работите во својот космогониски приказ на просторот и времето.Славко Јаневски, Девет Керубинови векови, Македонска книга, Скопје, 1989 Јубилејно издание.

Наводи

Категорија:Македонски романи Категорија:Романи кои се одвиваат во Македонија Категорија:Дела на Славко Јаневски Категорија:Книги од 1986 година Категорија:Појавено во 1986 година во Македонија