мини|281x281пкс|Ќелијното училиште на Геро Добрович-Мушек во Копривштица, денешна Бугарија Ќелијните училишта биле основен облик на црковно-религиозно образование за православното словенско население во Османлиската империја. До средината на 19 век се најраспространети училишта во Македонија. Тие биле единствени центри на црковно-словенската писменост.

Такви училишта најпрвин имало по манастирите во Македонија, поради што се познати како манастирски училишта. Бројни податоци укажуваат дека до 17 век старите манастири во Македонија не биле само места во кои се одгледувала црковната книжевна традиција, туку дека тие ja вршеле и функцијата на елементарни училишта на црковната просвета и образование. Веќе во 17 и 18 век освен Хиландарскиот, Зографскиот и Рилскиот манастир, како средишта на црковно-словенската просвета и духовната пробуда особено биле познати манастирите: Св. Архангел Гаврил Лесновски, Св. Прохор Пчински, Св. Јоаќим Осоговски, Св. Јован Ветерски, Трескавец, Слепче, Св. Јован Бигорски, Кичевска Пречиста, Св. Атанасие Лешочки и др.

Под влијание на манастирските, во 18 век ќелијни училишта почнале да се отвораат и во градовите. Такви училишта отворале во црквите свештениците и калуѓерите и поради тоа се викале попски или црковни училишта. Во нив децата се подучувале во црковната писменост и пеење, на црковниот ред и служба и се подготвувале за свештенички позив.

Мегутоа, од средината на 18 век во Македонија почнале да се појавуваат ќелијни училишта во кои како учители се појавиле и световни лица. Тоа се таканаречените приватни ќелии, кои по својот карактер многу не се разликувале од манастирските и црковните ќелијни училишта. Разликата била само во тоа што нив ги отворале во своите куќи световни учители, а ги издржувале родителите на учениците. Појавата на приватни ќелијни училишта се совпаѓа со првата фаза на формирањето на македонските градови и создавањето во нив на македонското занаетчиство. Приватната ќелија почнува да се приспособува на барањата и потребите на младото еснафство и покрај знаењата од црковните науки на учениците им давала и знаења по сметање и некои други науки. Отпрвин приватни ќелијни училишта се појавиле во поголемите градови, како Велес, Скопje и Прилеп, кои претставувале важни трговски центри. Но, кон крајот на 18 век приватни ќелии имало и во другите македонски градови.

Замирањето на ќелијните училишта Ќелијните училишта исчезнаа постепено, во процес кој траеше од 1830-те па сѐ до 1880-те или 1890-те во некои делови на Македонија. Главната причина беше појавата на нови, многу поефикасни начини на настава кои овозможуваа еден учител да предава на голем број деца истовремено. Тој модел, познат како заемноучителен или ланкастерски, се рашири многу брзо откако во 1835 година во Габрово беше отворено првото такво училиште, финансирано од богати трговци кои сакаа модерно образование. Ќелијните школи, кои работеа бавно, индивидуално и строго на црковнословенски јазик, едноставно не можеле да се натпреваруваат со новите школи што предаваа на народен говорен јазик и имаа поширока програма – аритметика, географија, историја, природни науки. Кога во 1870 година се создаде Бугарската егзархија, таа почна систематски да ги поддржува и финансира новите општински училишта, што го забрза заменувањето на старите ќелијни. Османлиите, преку реформите на Танзиматот, исто така почнаа да дозволуваат и дури да ги поттикнуваат световните училишта за немуслиманското население, што им даде легален простор на новите школи.

Во Бугарија процесот заврши најбрзо – до 1860-те и 1870-те ќелијните училишта речиси исчезнаа. Во Македонија траеше подолго, бидејќи националното организирање дојде подоцна, а имаше и силно грчко и подоцна српско влијание, па во некои села ќелијни училишта работеле и кон крајот на векот. Во Србија, пак, поради пораното ослободување и создавањето на Кнежевството, ќелијните беа заменети уште во 1830-те и 1840-те години со државни училишта.

На крајот ќелијните не беа насилно укинати, туку едноставно станаа застарени и непотребни во новото време. Тие одиграа огромна улога во зачувувањето на писменоста и верата низ вековите на ропство, но кога се појавија можности за модерно, национално и масовно образование, тие природно беа заменети и полека исчезнаа.

Наводи

Категорија:Образование Категорија:Македонија во 18 век Категорија:Македонија во 19 век