Total War: Three Kingdoms (македонски: Тотална војна: Трицарство) — компјутерска игра што сврзува елементи од жанровите стратегија заснована на потези и стратегија во реално време. Тоа е тринаесеттиот дел од серијата Total War. Играта е развиена од студиото Creative Assembly, а како издавач се јавува компанијата Sega. Играта е достапна за платформите Windows, macOS и Linux. Објавена е на 23 мај 2019 г.

Дејството на играта започнува во 190 г. од нашата ера, на територијата на Стара Кина, фактички 30 години пред почетокот на епохата на трицарството, која влегла во историјата како борба и спротивставување помеѓу три различни држави во Кина — Веи, Ву и Шу.

Играчки процес Total War: Three Kingdoms е стратегија заснована на потези со тактика во реално време. Играта бара од играчот да игра за една од дванаесетте фракции, која мора да ги победи останатите фракции, да ја обедини Кина и да постави свој владетел на нејзино чело. Секоја фракција има неколку исклучителни борбени единици, градби, како и бонуси и казни. Секој потег, кој одговара на едно годишно време, овозможува да се извршат неколку дејства, како што се преместување на војската, најмување нови војски или градење нова градба во градот.

Картата на Кина е поделена на области, каде што има градови и села што ѝ обезбедуваат на фракцијата пари, храна и ресурси за трговија. За да се зголеми користа од нив, потребно е да се градат објекти, како што се фарми или ковачници. Обезбедувањето на храна е важно за војската; доколку на војниците им недостасува храна, тие ќе го изгубат борбениот дух и здравјето.

Во оваа игра, во војската, покрај обичните војници, има и генерали (максимум тројца). Тие се моќни борбени единици што имаат посебни вештини, во зависност од нивната класа. Генералите можат да се најмат во градовите или да се привлечат на ваша страна по победа над нив. Во битка, еден генерал може да предизвика друг на двобој, по чиј резултат противникот или загинува или бега. Како последица, победниците добиваат бонуси, а поразените — намалување на борбениот дух. Покрај тоа, генералите можат да се постават како управители на градови или да се испратат на непријателска територија како шпиони.

Водачите на фракциите поседуваат оружје, опрема, коњи и советници, што влијае на нивните способности. Воените водачи се во различни меѓусебни односи. Така, ако во битката рамо до рамо учествуваат двајца пријатели, тие добиваат бонуси. Генералите имаат и посебни склоности што треба да се задоволат. На пример, ако некои генерали не ограбуваат непријателски градови, тоа ќе доведе до пад на борбениот дух во нивната војска.

На секои 5 потези се нуди можност да се избере една реформа. Секоја фракција има свој сет на реформи што отвораат бонуси или нови можности.

Во Total War: Three Kingdoms, војските и градбите работат според принципите на петте елементи. Затоа, на пример, стрелците и самострелците, кои одговараат на елементот вода, се силни против јуришната коњаница, која одговара на елементот оган.

Играчкиот дел се состои од два режима — романтизиран и класичен — од кои еден може да се избере пред почетокот на кампањата.

Приказна Дејството се одвива во 190 г. од нашата ера, кога некогаш славната династија Хан е на работ на пропаст. Новиот цар, царот Шјиан, крунисан на возраст од осум години, бил манипулиран од воениот војсководец Донг Џуо, чие угнетувачко владеење води до хаос.

Нови воени војсководци се креваат и основаат сојузи за да започнат кампања против Донг Џуо. Бидејќи секој од војсководците има свои лични стремежи, а верноста постојано се менува, прваците што ќе излезат од овие бескрајни војни ќе ја обликуваат иднината на Кина.

Развој Првично, Creative Assembly планирале да ја објават најавата за новата игра на 11 јануари 2018 г., со активирање на пребројување на својата матична веб-страница, кое би започнало на 10 јануари 2018 г., до објавувањето на видеото. Меѓутоа, веќе на 10 јануари 2018 г., видеото со најавата и краткиот опис на Total War: Three Kingdoms било објавено на германскиот портал за игри GameStar. Поради тоа, Creative Assembly морале да ја објават играта истиот ден.

Првичниот план за излегување на Total War: Three Kingdoms бил за есента 2018 г.. Меѓутоа, подоцна излегувањето на играта било префрлено на 7 март 2019 г., а потоа и на 23 мај 2019 г. На 1 април 2019 г. била најавена и мобилна верзија на Total War: Three Kingdoms, која се покажала како првоаприлска шега.

Како историски консултант за Total War: Three Kingdoms настапил австралискиот синолог — д-р Рејф де Креспињи, професор на Колеџот за Азија и Тихоокеанскиот Регион и на Австралискиот национален универзитет.

Наводи

Надворешни врски

__СОСОДРЖИНА__ __ИНДЕКС__

Категорија:Игри за Windows Категорија:Игри за Mac OS X Категорија:Игри за Линукс