Мелетиј бил охридски митрополит на Цариградската патријаршија.
Биографија Мелетиј бил роден околу 1814 година, во цариградскиот кварт Арнавуткој, а потекнувал од градот Михањона во околината на Кизик во Мала Азија. За него Кузман Шапкарев запишал: „Мелетиј, родум Грк од цариградското предградие Арнауткој, човек неук, но личен и претставителен; а, од друга страна, лукав и злобен како вистински фанариот, дојде за прв пат во нашиот град и епархијата заедно со Охридскиот митрополит Дионисиј како негов протосингел, кој во случај на отсуство на митрополитот, управуваше наместо него со митрополиските работи или како негов намесник го претставуваше во Ресен или во Крушево, каде поминуваше подолго време. Во последните години од престојот на Дионисиј во Охрид, Мелетиј беше издигнат во епископски чин со титула Велички епископ... Во времето на своето протосингелство во Охридската епархија, Мелетиј освен блудничкиот живот, за кој сметам дека е излишно да го изложувам подетално, претставуваше олицетворение на вистински „крџалија“ – го малтретираше и ограбуваше народот, му ја земаше покуќнината, доколку некој не беше во можност да му ја плати справедливата или несправедливата владичнина. За венчавка бараше и земаше неверојатни суми, само ако би се појавило некакво помалку или повеќе сомнително сродство. Инаку, исто така беше нечовечен и безмилостив злотвор и предавник, со еден збор вистински злобен човек... По издигнувањето во епископски чин, Мелетиј започна со интриги и против својот старец Дионисиј, поради што беше преместен во Босна, каде што ја извршуваше должноста на Зворнички митрополит...“ Така, согласно со сведоштвото на Шапкарев, Мелетиј бил безкрупулозна личност, а го искористил отсуството на Дионисиј за да прави сплетки и против него, што резултирало со негово отстранување од Охрид.
Охридски митрополит Патријархот Кирил VII Константинополски со одлука од 11 јануари 1860 година за архијереј на Охридската епархија го поставил епископот Мелетиј Велички, кој цели 10 години бил протосингел на митрополитот Дионисиј. На 28 февруари 1860 година, Мелетиј пристигнал во Цариград и ја зазел митрополитската катедра во Охрид и покрај силното противење на локалното население.
Мелетиј пристигнал во својата епархија на 1 април 1860 година, но не отишол во Охрид, туку останал во Крушево. Кога разбрале за изборот и доаѓањето на Мелетиј во епархијата, селаните од охридската околија ги предупредиле охридските првенци дека ако го примат Мелетиј во градот, ќе дојдат ноќе и ќе ја запалат зградата на митрополијата заедно со митрополитот. Наоѓајќи се во вакви околности, охриѓани организирале сеопшто собрание на кое била донесена одлука учителот Јанаки Стрезов да напише протестно писмо против владиката, кое веднаш било потпишано од 4-5 илјади души, и да биде испратен еден градски старешина за да го предупреди Мелетиј да не доаѓа во Охрид. И покрај ваквите реакции, на 9 април 1860 година, Мелетиј со придружба од 10 стражари се упатил во Охрид, каде што бил пречекан од гркоманите во градот. Но, по наредба на градските првенци, свештениците не излегле да го пречекаат. По негова заповед, на Томина недела (17 април 1860 година) сите свештеници биле повикани да богослужат во соборниот храм „Свети Климент“ во Охрид. Но, на овој повик одговориле само двајца свештенции. На богослужбата присуствувале гркоманите, турските стражари и доста ученици и деца. Штом Мелетиј почнал да ја чита патријаршиската одлука за неговото поставување, следела бурна реакција од учениците кои го изјавувале своето незадоволство од неговиот избор.
Најенергичен противник на Мелетиј бил учителот Димитар Миладинов со кого соработувале и неговите колеги Јанаки Стрезов и Кузман Шапкарев. Поддржувачи, пак, на Мелетиј во Охрид биле првенците Стефан Димитриев Владиков (незаконски син и наследник на митрополитот Калиник) и Анастас Зарче. Преку различни интриги и со помошта на битолскиот митрополит Венедикт, Мелетиј успеал да издејствува на 16 февруари 1861 година, Димитриј Миладинов да биде уапсен и испратен во Цариград. Но, охриѓани не се исплашиле од интригите на митрополитот, а оваа негова постапка довела до уште поголема омраза на народот кон него. Веројатно поради тоа, тој претпочитал да поминува повеќе време во Ресен отколку во Охрид. Во борбата против грцизмот и Мелетиј, особено се истакнал Григор Прличев.
Судирот на населението со Мелетиј кулминирал во 1867 година, кога на 10 јули во храмот „Пресвета Богородица Каменско“ било свикано големо народно собрание, кое решило да престане да се споменува името на Мелетиј во богослужбите. Во таа прилика биле повикани и сите градски свештеници на кои категорично им било кажано: „Ако сте со нас, не спомнувајте го Мелетиј“. Со генерално епархиско барање охриѓани покренале иницијатива пред султанот за обновување на Охридската архиепископија. Ова свое решение им го соопштиле и на народните претставници во османлиската престолнина. Од овие претставници добиле одговор преку писмо од 19 јули 1866 година, во кое стоело дека целосно го поддржуваат барањето за востановување на Охридската архиепископија како автокефална црква.
На 28 октомври 1867 г. охриѓани испратиле едно опширно изложување до константинополскиот патријарх и до неговиот синод, со кое се барало возобновување на древната Охридска архиепископија. Ова изложување било проследено со многу печати и потписи како лични така и од црковните управи и еснафите од Охрид и Охридско, Струшко, Ресенско и Преспанско. За жал, Великата порта и Константинополската патријаршија не посветиле посебно внимание на овие барања, како и на протестите на населението од Охридско-преспанската епархија и не го отстраниле Мелетиј. Затоа, на 24 август 1869 година, охриѓани официјално ја прогласиле својата народна црковно-училишна општина, за чиј претседател го избрале свештеникот Василиј Касапов. Под управа на оваа општина се нашле сите градски храмови, па Мелетиј бил принуден да направи параклис во домот на поп Масин. Свештеникот Василиј бил најучен и најитар меѓу свештениците и успешно управувал со општината сè до својата смрт во 1874 година.
Позицијата на Мелетиј во Охрид особено се влошила по создавањето на Егзархијата. Така, на 24 септември 1872 година архимандрит Натанаил Богданов од скопското село Кучевиште бил ракоположен од егзархот Антим I за прв митрополит на Егзархијата во Охрид. Но, сепак, тој го добил државното потврдување на овој избор со берат дури во 1874 година, бидејќи Охридската епархија не била помеѓу посочените епархии во ферманот за создавање на Егзархијата од 1870 година. По спроведеното гласање во 1874 година во Охрид и околината, оваа епархија е присоединета кон Егзархијата, откако 9387 христијани се изјасниле дека сакаат епархијата да се приклучи кон Егзархијата, а само 139 христијани гласале против и сакале да останат под јурисдикција на Константинополската патријаршија. Истата година за егзархиски митрополит во Охрид бил потврден Натанаил Охридски, кој со големо народно празнување бил пречекан во Охрид. Но, интригите на Мелетиј продолжиле и понатаму , па тој успеал да издејствува пред османлиската власт, соборната црква Свети Клиемент во Охрид, манастирот Свети Наум и црквата во Ресен да останат под негова управа и покрај жестоките противења на народот. Но, откако со поткуп го придобиле на своја страна битолскиот мутесарифин, охриѓани успеале да ја стават под власта на Егзархијата црквата Свети Климент, а останатите две цркви уште долго останале под управа на Мелетиј и патријаршистите. На Мелетиј во Охрид му бил отстапен храмот Свети Врачи во кој продолжиле да богослужуваат малубројните приврзаници на Патријаршијата. Интригите на Мелетиј продолжиле и понатака, па така во овој период повеќемина охриѓани, меѓу кои и Григор Прличев, биле осудени по обвинение дека се приврзаници на идејата за панславизмот и биле затворени.
Во меѓувреме, по формирањето на Охридската егзархиска епархија, од 1872 година Мелетиј се преместил во Крушево, кое станало седиште на патријаршиската епархија. Официјално бил на чело на Охридската епархија сè до 1879 година. На 11 април 1880 година, бил поставен за архиереј во Стагиската епархија. По него, Патријаршијата продолжила да поставува свои митрополити „Преспански и Охридски“, сè до поделбата на Македонија со Балканските војни. Но, седиштето на патријаршиската епархија било засекогаш преместено од Охрид во Крушево, а оваа епархија која практично останала без паства, била неатрактивна за архијереите кои не се задржувале долго на оваа катедра.
Наводи
Категорија:Митрополити на Цариградската патријаршија