Охридски Округ, именуван и како Округ Охрид ― поранешна административна единица на територијата на Македонија, односно округ на Кралството Србија, Царството Бугарија, и Кралството СХС. Округот постоел во периодот 1913-1922 година.
Историја Охридскиот Округ за прв пат бил основан во 1913 година, за време на Кралството Србија. Округот настанал на сметка на краткотрајниот Дебарски Округ кој бил укинат на 30 ноември 1913 година, и намалениот Битолски Округ. Округот бил поделен на срезови (во превод околии) и тие биле Дебарскиот, Охридскиот, Струшкиот Срез, како и Окружниот Град Охрид кој не влегувал во ниеден срез. На 29 јули 1915 година, за време на Првата светска војна и врз основа на Тиранскиот протокол, биле основани Голобрдскиот и Долнодебарскиот Срез и припаднале во Охридскиот Округ.
Охридскиот Округ продолжил да постои во рамките на Царството Бугарија, односно за време на окупацијата во Првата светска војна. Неговата територија се состоела од Дебарската, Охридската, Поградечката, и Струшката Околија.
За време на новата држава Кралство СХС, Охридскиот Округ продолжил да постои, овојпат во рамки на покраината Јужна Србија. Тој, по крајот на Првата светска војна, кратко време ги содржел и Голобрдскиот и Долнодебарскиот Срез, но по неколку години тие територии биле вратени на Албанија, со што округот се состоел од истите предвоени срезови (разликата е што Дебарскиот Срез бил преименуван во Горнодебарски), како и Окружниот Град/Општина Охрид кој не влегувал во ниеден срез. Во 1922 година, според новата административна поделба, Охридскиот Округ бил укинат и бил заменет со Битолската Област.
Население Според новата административна поделба настаната во есента 1913 година, и пописот од пролетта 1913 година, Охридскиот Округ имал 84,395 жители, односно вкупното население на Дебарскиот, Охридскиот, Струшкиот Срез, и Окружниот Град Охрид. Округот се состоел од 29 општини, 133 села, 5 заселоци, 2 градови (варошици), 1 паланка (варошица), и 5 манастири.
За времето на владеењето на Царството Бугарија, Охридскиот Округ имал 120,329 жители, односно вкупното население на Дебарската Околија (37,804), Охридската Околија (29,801), Поградечката Околија (15,571), и Струшката Околија (37,153).
Според пописот од 1921 година, Охридскиот Округ имал 69,211 жители, односно вкупното население на Горнодебарскиот, Охридскиот, Струшкиот Срез, и Окружниот Град/Општина Охрид. Според верската припадност, 44,761 биле православни, 23,997 биле муслимани, 406 биле римокатолици, 33 биле евангелисти, 10 биле евреи, додека 4 биле гркокатолици. Според јазичната припадност, 48,460 биле Срби/Хрвати, 11,448 биле Албанци, 7,506 биле Турци, 1,597 биле Власи, 68 биле Словенци, 17 биле Чехословаци, 8 биле Русини, 8 биле Германци, 6 биле Унгарци, 5 биле Англичани, 3 биле Руси, 2 биле Италијанци, 1 бил Полјак, 1 бил Французин, 81 припаднале во графата „останати и непознато“.
Поврзано Историја на административната поделба на Македонија Административна поделба на Србија Административна поделба на Бугарија Административни поделби на Југославија
Забелешки
Наводи
Категорија:Историја на Охрид