„Девојки“ (португалски: As Meninas) — роман бразилската писателка Лижија Фагундес Телес од 1973 година.
Содржина Романот се состои од 12 глави во кои се опишуваат два дена од животот на три студентки, кои живеат во женски интернат. Лија де Мело Шулц е по потекло од Баија, ќерка на поранешен нацист. Таа е припадничка на тајното движење на отпорот против диктаторската власт, а нејзиното момче Мигел е в затвор. Истовремено, таа има напишано роман, но го искинала ракописот, сметајќи дека романот не е доволно добар. Ана Клара Консејсао е убава девојка, но наркоманка и алкохоличарка, која имала тешко детство, живеејќи во голема беда. Нејзиното момче Макс е трговец со дрога, но таа истовремено е свршена со еден богат човек, со намера да се омажи за него. Меѓутоа, таа е бремена од врската со Макс и поради тоа мора да се ослободи од бебето за да може да се омажи. Лорена Ваз Леме е богата девојка со непривлечен изглед, заљубена во лекарот Маркус Немезиус, но тој е оженет. Лија ја посетува Лорена, барајќи да ѝ го позајми автомобилот на нејзината мајка. Лорена, пак, цел ден очекува телефонски повик од М.Н., но тој не ѝ се јавува. Истовремено, таа постојано се сеќава на дамнешната случка во која еден од нејзините браќа несакајќи го убил другиот брат. На крајот од денот, Лија дознава дека Мигел ќе биде ослободен од затворот и двајцата ќе мора да заминат во Алжир. Ана, која цел ден го минува во својата соба со Макс, двајцата пијани и дрограни, вечерта излегува зашто има закажано средба со свршеникот. Меѓутоа, таа влегува во еден бар, каде ѝ приоѓа непознат маж кој ја води во својот стан. Во меѓувреме, Лорена ѝ дава пари на Лија за патувањето во Алжир, а таа, пак, ја посетува мајка ѝ на Лорена, која тагува поради смртта на нејзиниот близок пријател и поради раскинувањето на врската со љубовникот. Ноќта, Ана Клара се враќа во пансионот потполно издрогирана, извалкана и во бессознание. Лорена ја негува, а потоа накратко оди во собата на Лија, коај се подготвува за утрешното патување. Кога Лорена се враќа во својата соба, ја наоѓа Ана Клара мртва. Тогаш, Лорена ја облекува и шминка мртвата девојка по што таа и Лија ја носат на еден плоштад и ја оставаат на клупа.Ližija Fagundes Teles, Devojke iz Sao Paula. Štrik, Beograd, 2017.
За романот Романот „Девојки“ е еден од најважните бразилски романи на 20 век. Неговото објавување се поклопува со врвот на десничарската диктатура, која е еден од основните мотиви во него. На тој начин, романот го прекинува молкот во бразилската книжевност и ја поставува новата насока на нејзиниот развој. Набљудувано хронолошки, дејствието на романот се одвива во текот на два дена, а исто така, и сижето на романот е многу едноставно: се опишува животот на три девојки (пријателки, но многу различни) кои живеат во Саун Пауло. Како што тврди писателот Кристовао Теза, секој од трите главни ликови во романот е определен од еден од трите архетипови карактеристични за тоа време: Ана Клара е најубава, но наркоманка, по потекло од фавелите (најнискиот општествен слој во Бразил); Лија има афро-германско потекло и активно учествува во борбата против диктатурата; Лорена, која најмногу потсетува на авторката на романот, му припаѓа на највисокиот слој што го сочинуваат декадентните белци од европско потекло, иако таа е претставничка на новата, прогресивна генерација. Во романо тнема конкренти географски точки, но јасно е дека дејствието се одвива во Саун Пауло во 1969 година. Нарацијата е минимална, а во нејзиното средиште се наоѓа Лорена. Според Теза, романот претставува поместување во реалистичката естетика на Фагундес Телес, која користи поинаква наративна техника — постојани промени на раскажувачката перспектива. Притоа, во романот не постои класичниот сезнаен раскажувач кој управува со текстот, туку сè е подредено на интимниот поглед на главните ликови чии погледи понекогаш се мешаат со четврти, неутрален глас кој се појавува само повремено. Таквата раскажувачка техника ги прави читателите соучесници во животот на девојките, а истиот ефект се постигнува и со постојаната употреба на сегашното време, дури и кога се раскажува за минатите настани. Во продолжение, романот обработува сложени и повеќеслојни теми низ кои се прикажуваат општествената трансформација на Бразил и стремежите на младата генерација од 1960-тите и 1970-тите: стремежот за општа револуција и за уривање на стариот свет, појавата на новиот тип на семејството, како и сексуалното ослободување и еманципацијата на жената. Уште повеќе, универзалното значење на романот се состои во борбата за демократското, слободарско, хумано и естетско општество.Ana Kuzmanović Jovanović, „Pogovor: Ližija Fagundes Teles — dva dana devojaka iz Sao Paula“, во: Ližija Fagundes Teles, Devojke iz Sao Paula. Štrik, Beograd, 2017, стр. 281-285.
Наводи
Категорија:Дела на Лижија Фагундес Телес Категорија:Книги од 1973 година Категорија:Бразилски романи Категорија:Романи кои се одвиваат во Бразил