Ритмичка гимнастика е поединечен или тимски спорт, кој комбинира класична гимнастика, балет и танц. Ритмичката гимнастика е спорт во кој поединечни натпреварувачи или групи од пет или повеќе натпреварувачи изведуваат гимнастички точки во траење од 75 до 90 секунди (или 135 до 150 секунди во групните настапи) со музичка придружба, на гимнастички тепих со димензии 13 x 13 метри. Натпреварувачите изведуваат предизвикувачки точки кои бараат физичка координација, флексибилност и рамнотежа, со многу балетски и танцови елементи. Победник е натпреварувачката на која стручното жири ќе ѝ додели најмногу поени.

Во ритмичката гимнастика се користат обрач, топка, лента, чунови или јаже.

Ритмичката гимнастика е целосно женски спорт, само во Јапонија постојат натпревари „Тошу“ за машки ритмички гимнастичари. Овој спорт собира околу 2.000 спортисти во Јапонија, но не е дел од Меѓународната федерација за ритмичка гимнастика и не е застапен на Олимписките игри.

Реквизити Реквизитите со кои се натпреваруваат гимнастичарките мора да ги исполнуваат следниве услови:

Обрач — треба да биде од дрво или пластика (порано се користеле дрвени обрачи), со дијаметар од 51 до 90 см (димензиите се пропорционални со висината на натпреварувачката). Обрачот треба да тежи најмалку 300 грама. Дозволено е обрачот да се обвитка со изолациона лента за да одговара на костимот на натпреварувачката. Топка — треба да биде од гума или пластика, со дијаметар од 18 до 20 см и минимална тежина од 400 г. Чунови — можат да бидат изработени од дрво или пластика, со должина од 40 до 50 см, минимална тежина од 150 г и дијаметар на главата од најмалку 3 см. Лента — направена е од свила или сатен, широка од 4 до 6 см и долга најмалку 6 м, односно 5 м за јуниори и 4 м за помлади. На врвот може да се зашие зајакнат/тежок дел со должина до 5 см (со навој).

Наводи

Надворешни врски

Меѓународна федерација за гимнастика (FIG)