Гола каменоломка () — Повеќегодишно тревесто растение од родот каменоломка во семејството на каменоломките (Saxifragaceae), опишано од Антонио Бертолони.

Опис и одлики Ова растение е силно разгрането во основата, со бројни долги и куси полегнати гранчиња густо обраснати со листови, на кои се додаваат и старите листови од претходната година. Гранчињата создаваат компактни, густи бусенчиња. Цветните стебленца се високи 5–10 см, едноставни, со малку спирално распоредени листови и ретки жлездести влакна. Листовите при основата се густо збиени во розетоподобни формации, голи или со ретки влакненца, месести, копјесто-лопатовидни, со заоблен врв и најшироки на врвот, клиновидни во основата, приседнати. Листовите на стеблото се мали, 3–4 мм долги, копјести. Соцветието е штитообразно-метличесто, со мал број цветови. Чашката е долга 3–4 мм, со ретки жлездести влакна во пехарестиот дел; чашкините ливчиња се голи, најчесто широко обратно-јајцевидни, со тап врв. Венечните ливчиња се бели, долги 2,5–3 мм, обратно-јајцевидни до округли, со заоблен врв и основа стеснета во краток широк клин. Прашниците се протегаат до врвот на чашкините ливчиња; антерите се жолти. Плодната кутијка е сферична или крушовидна.

Расте на плитки почви по варовнички карпи и камењари во алпскиот и субалпскиот појас. Видот е познат од Шар Планина, Кораб и Јакупица.

Галерија

Наводи

Категорија:Каменоломка Категорија:Флора на Македонија